За Мицунски секој глас за Левица е скриен глас за СДСМ, за Маричиќ – обратно
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, вели дека тој лично не ја познава професорката Билјана Ванковска, кандидатка на Левица за шеф на државата, и затоа не би можел да каже дали таа имала улога на „помагач“ на изборите во 2019 година Гордана Силјановска-Давкова да победи во претседателската трка. Ова беше одговорот на Муцунски прашан дали знае на што мисли Ванковска кога вели: „Мицко ме нарече измеќарка. Во право е, измеќарка им бев во 2019 година кога се отепав од работа. Си знаат добро што работев, а можам и да ги потсетам ако заборавиле“.
Но, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, од она што тој со сигурност може да го каже е дека секој глас за Левица и за кандидатите на Левица на претстојните двојни избори е скриен глас за СДСМ и дека овој факт е очигледен. Сепак, проценува тој, кај граѓаните се развива зрелост со која тие го препознаваат тоа и покрај тоа што Левица негодува за ваквите ставови на ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот вицепремиер Бојан Маричиќ, пак, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 негира дека владејачката партија учествувала во собирањето потписи за кандидатите на Левица и на ГРОМ, Билјана Ванковска-Цветковска и Стевче Јакимовски, да влезат во трката за претседател на државата. Според Маричиќ, станува збор за суверена одлука на секој политички субјект и партиите, како што вели, треба да се навикнат дека е нормално да има повеќе кандидати.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека улогата на Ванковска и на Јакимовски во првиот круг од претседателските избори ќе биде само да го поткопаат потенцијалот на Гордана Силјановска-Давкова.
„ВМРО-ДПМНЕ и Левица се две страни на ист медал и нема разлика во ставовите помеѓу нив“, смета Маричиќ. „Тоа што не успеале да се договорат за заеднички кандидат за претседател или што не сакале да се договорат, на крајот, тие се борат за десниот спектар од политичката сцена и сметам дека сето тоа се нормални демократски прашања и време е да се соочиме со аргументите кој кандидат што нуди. Тоа е многу побитно за граѓаните отколку дали некој кандидат работи за една или друга страна“, додава Маричиќ.