За Мицкоски информациите за кампови за азиланти и мигранти се „растурање пердуви“

Македонската јавност ќе има сѐ на увид и за секој цент којшто ќе биде потрошен од стратешкиот договор со Обединетото Кралство, вели премиерот Христијан Мицкоски, во однос на опозициските обвинувања за нетранспарентност, нагласувајќи дека нема потреба од растурање пердуви на тема која што не постои и „дека нема да има носење договори по скратена постапка со европски знамиња и со строго доверливо класифицирани документи“.
Мицкоски нагласи дека нема да биде скриена ниту една информација од договорот и дека се ќе биде јавно и транспарентно.
-Ние во Парламентот нема да носиме никаков закон на шверцерски начин, со злоупотреба на европско знаме, како што правеа тие. Нема да класифицираме документи. Напротив ќе и биде јасно на македонската јавност што ќе потпишеме, под кои услови, кои се цените по коишто ќе се гради, кои се компаниите коишто сето тоа ќе го градат. Немаме намера да скриеме ниту милиметар информација која што им е потребна на граѓаните, изјави премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство Скопје.
Можам да ги разберам, но не можам да ги оправдам, рече Мицкоски, нагласувајќи дека нивната загриженост е тоа што, како што рече, „гледаат дека во Македонија се гради, и дека повторно се задвижува економијата“ и оти тие „за жал, како политичка структура седум години имаа можност да покажат перформанси, но беа инфериорни на оние коишто играа фудблачиња и баскет во кабинетите наместо да работат“.
-Прво, ниту е мој карактер, ниту пак имам намера нешто да кријам од македонските граѓани, туку сум секогаш подготвен да излезам да се соочам и апсолутно сето она коешто јас лично го работам и моите соработници е во интерес на македонските граѓани, изјави Мицкоски.
Прашан дали тоа значи дека ги негира информациите за мигранти и азиланти, Мицкоски, рече дека „повторно нема потреба да растураме пердуви на тема која што не постои“.
-Ние можеме да измислуваме теми. Ако немаме и сега да си измислиме тема, дека надвор е темно, а гледаме дека е дење… Не треба британските медиуми… Па зарем изјавата на британскиот амбасадор не е доволна. Никакви кампови, никакви мигранти. Зарем тоа не е доволно. Тоа е исто како сега да кажам како ќе ја коментирате состојбата надвор дека е мрак, а гледаме дека е дење… тоа е исто во рамки на таа сатира би се изјаснил, изјави Мицкоски.