За Мицкоски е „незрела“ одлуката на СДСМ, сам ќе ја укинува „пржинската влада“
Како незрело и неодговорно однесување го оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски одбивањето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да присуствува на најавената лидерска средба на која би се зборувало и за укинувањето на „пржинската влада“.
-Мислев дека со овој повик ќе покажеме зрелост и широчина и дека како политички чинители ќе можеме да се обединиме. Темата на лидерската средба не беше само за техничката влада. Ако така незрело и неодговорно се однесуваме како опозиција, нам лидерската средба не ни е ниту потребна и можевме со 61 глас во парламентот да го изгласаме укинувањето. Но, ние сакавме целиот процес да биде инклузивен, рече Мицкоски од Гевгелија.
Тој додаде дека на средбата сакале да се зборува и за реформската агенда, за законите од областа на правосудството и други области преку еден инклузивен процес.
-Но, ете, за жал, имаме незрела, безидејна и неодговорна опозиција која се служи со вакви квалификации. Однесувањето на Филипче, очигледно, е составен дел од неговиот менаџерски договор што го има потпишано со СДСМ. Но, тоа е негов избор. Ние денес или утре ќе ги испратиме поканите за средба која ја планиравме да биде на 14 јануари во Клубот на пратениците. Тие беа тие кои ја бараа лидерската средба, а сега ја одбиваат. Збунувачки е и неодговорно ваквото однесување на опозицијата. Ние како Влада ќе работиме и ќе сториме се да ги придвижиме процесите, рече Мицкоски.
Техничката влада како концепт е предвидена со Изборниот законик, кој исто така би требало да се менува во овој дел, доколку поминат предложените измени на Законот за Владата. И во двата случаи се потребни минимум по 61 глас во парламентот, со тоа што се инсистира изборните правила во кој било случај да се менуваат со политички консензус.