За Мицкоски, црвените линии на Филипче биле тројански коњ


На денешниот народен митинг во Куманово во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се осврна на црвените линии предложени од лидерот на СДСМ Венко Филипче за кои рече дека биле тројанскиот коњ.

„Погледнете каков подарок од СДСМ сега спремаат за Бугарија. Тој подарок е тројански коњ, убаво спакуван, со таканаречени црвени линии, а всушност тоа е ново попуштање кон нашиот источен сосед. Нова бонбона бизнис која СДСМ ѝ ја дава на нашиот источен сосед“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед  јавно зборувал дека финансиски ја помогнал таа опција на СДСМ.

„Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче, а подарокот кој што нашиот источен сосед може да го плати е пробив одвнатре – нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека политичките трикови на СДСМ и Филипче нема да поминат и дека врз грбот на националните и државни интереси нема да дозволи некои да градат политички кариери.

„Овој пат големата пречка за тоа сме ние, народот на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, затоа што добро знаат дека тоа нема да дозволам да помине. Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДС за да излезат во јавноста со ваков предлог па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии зарем некој овде верува дека има малку патриотизам во СДС и ова раководство на СДСМ. Јас не верувам“, рече Мицкоски,, повикувајќи на масовен одзив на локалните избори на 19 октомври.