За мерката Млад земјоделец 117 апликанти, ќе се операционализира по изборите


За мерката Млад земјоделец има 117 апликанти за околу 70 милиони денари, а ќе биде ставена во функција по завршувањето на локалните избори, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.  Во одговор на новинарско прашање Мицкоски посочи дека Млад земјоделец е многу значајна мерка и оти неколкукратно е зголемен бројот на апликанти споредено со 2023 година.

– Поради изборните ограничувања не сме во можност да ја промовираме таа мерка, иако огласот е завршен, филтерот  е напревен, 117 корисници, апликанти, за околу 70 милиони денари. Многу значајна мерка. Можеби бројката 117 не делува грандиозно, но ако се има превдид дека во 2023 година од 44 апликанти имаме само 18 корисници тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Веднаш по  завршување на локалните избори кога ќе ги немаме ограничувањата и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка, изјави Мицкоски по увид на градежни активности за нова градинка во населеното место Потстаница во населбата Драчево во општина Кисела Вода. 

Корисници на мерката се млади луѓе кои првпат започнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност преку преземање на постоечко земјоделско стопанство или преку воспоставување на ново земјоделско стопанство. Поддршката се доделува на млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години кои поднеле барање не подоцна од 18 месеци од денот на запишувањето на новото земјоделско стопанство или промената за истото во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Доделената финансиска поддршка е неповратен грант од 600.000 денари, односно 100 проценти од направените трошоци. Исто така, поддршка може да се додели во вид на авансна исплата до 40 проценти од вкупната вредност на одобрениот износ, а остатокот се исплаќа по реализација на инвестицијата.