За Ковачевски резултатот на СДСМ е поразителен, им честиташе на Силјановска и на Мицкоски

Лидерот на СДСМ најави длабоки реформи во партијата на сите нивоа, кои како што рече, треба да овозможат консолидација и враќање на довербата кај граѓаните


 

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на прес-конференција го призна поразот на претседателските и на парламентарните избори и им честиташе на политичките противници, Гордана Сиљановска-Давкова и на ВМРО–ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски за изборниот успех. Тој истовремено најави длабоки и суштински реформи во СДСМ на сите нивоа, кои како што рече, треба да овозможи консолидација на партијата и враќање на довербата кај граѓаните. Изборите ги оцени како фер и слободни согласно европските стандарди.

„Ја честитам изборната победа на нашиот политички конкурент ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски. Честитам на изборот на сите 120 пратеници во македонското Собрание и посакувам да имаат успешен мандат во интерес на македонските граѓани и европската иднина на државата“, рече Ковачевски. „Го честитам изборот на Гордана Сиљановска-Давкова за претседател на Републиката и се надевам функцијата ќе ја извршува во согласност со уставните овластувања и евроатланската посветеност и обврски на државата“, додаде тој.

Ковачевски се заблагодари и на нивниот кандидат Стево Пендаровски, како и на поддржувачите на СДСМ кои и покрај големиот пораз во првиот круг достоинствено да излезат на изборите и овозможија да се постигне цензусот за избор на претседател.

„СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност. Најлесно беше по толку обвинувања и напади од ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Но, не паднавме во таа замка“, рече Ковачевски.

Тој го оцени деншениот резултат како разочарувачки за СДСМ на кого „му е зададен тежок удар, не само од граѓаните туку и од симпазитерите и поддржувачите на партијата“.

Најави дека во наредниот период детално ќе се анализираат резултатите за да се најдат причините за ваквиот, како што рече „поразителен исход“.

„Не сакам да носам избрзани заклучоци и не сакам да посочувам виновници“, рече Ковачевски, додавајќи дека и тој и партиското раководство имаат одговорност, но и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и на централно ниво.

„Никој реално не е без одговорност и тука ќе мораме заедно да поминеме низ овој процес“, рече Ковачевски, посочувајќи дека СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направиле и кои се резултатите и слабостите во последните четири години, можеби и во последните седум години.

„Уште поважно, што е тоа што треба да направи за да ја обновиме и да ја вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека процесот на обнова мора да е на сите нивоа и повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, па сѐ до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.

„Тој процес не треба да биде долг, но никако брз и стихиен или пак експресен“, рече Ковачевски, најавувајќи длабока внатрешна промена и консолидација која може да ја изведат само оние кои се подготвени да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата во државата, но и кои немаат багаж од било каков вид, особено не такви карактеристики заради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција.

„Согласно статутот на партијата ќе биде свиикан отчетен конгрес на партијата на кој ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и за работењето на партијата за периодот 2020 – до 2024 година и ќе се одредат роковите за консолидирање на партијата преку избор на претседател, раководство на партијата, претседатели на општинските организации и сите преостанати тела и органи“, рече Ковачевски.

Според него првиот чекор на консолидацијата на СДСМ мора да биде обновување на идеолошката и вредносната матрица која ќе ги собере сите сили на прогресивната Македонија на левиот центар.

Вториот чекор треба да биде длабиока кадровска промена и создавање на силен кадровски потенцијал со вистински социјалдемократи со вредности и знаење, со чесност и енергија со мотив и со искреност.

И трето, да се реформира организациската поставеност на партијата.

Сепак, како што посочи, додека се случи овој процес не може и не смее да се занемари одговорноста кон државата и граѓаните.

„Не се сомневам дека вечерва многу граѓани чувствуваат страв, страв од прекумерната моќ која ја има партија која е позната по злоупотреба на моќта“, рече тој додавајќи дека СДСМ и коалицијата треба и мора да бидат одговорна силна и државничка опозиција.

Ковачевски, проговори, како што кажа и за вистината со која живеел веќе две години.

„Вистината е дека актуелниот систем во кој што живееме води повеќе сметка за пиарот, отколку за суштината. За површината отколку за длабината“, рече Ковачевски.

Разочараноста на народот тој ја гледа и во корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција, нискиот просечен раст на економијатѕа од 1,9 проценти во изминатите 30 години, непотизмот, клиентелизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам, кои, како што нагласи се само дел од крупните дефекти на системот кој ја јаде и ја разорува државата и кој мора конечно да се промени.

Ковачевски на крајот рече дека следната година е можност Македојија да ја продолжи својата евроинтеграција.

„Ако ја пропуштиме таа шанса, може да изгубиме уште една деценија, можеби уште една генерација. СДСМ ќе се однесува одговорно, но топката сега е во рацете на новата влада предводена од Христијан Мицкоски. Блокирањето на тој пат не само што ќе доведе до голем пад на животниот стандард, туку ќе ги зголеми етничките тензии и ќе не изложи на безбедносен ризик“, рече Ковачевски.