За кого Владата ги таксува центрите за податоци?
Премиерот изјави дека за можноста да се градат дата центри веќе разговарал со извршниот директор на „Рамбл“ Крис Павловски, кој има силни врски со ВМРО-ДПМНЕ
Изградбата на центри за податоци во државава повторно се најде на врвот на агендата на политичките партии откако вчера во Општина Пехчево советниците ја отфрлија иницијативата на нивна територија да почне постапката за изградба на ваков објект. Без оглед што против одлуката гласаа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, препукувањата во однос на дата центрите продолжија и денеска.
Власта и опозицијата се на дијаметрално спротивставени позиции – СДСМ се категорично против, укажувајќи на бројните ризици кои што ги следеат податочните центри во многу земји во светот, особено во поглед на потрошувачката на електрична енергија, бучавата и користењето на водните ресурси, додека од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека стѕанува збор за „новата нафта“ и ако не се искористи шансата за изградба на наша територија, Македонија ќе загуби многу.
Но, дали зад ваквата реторика на власта се крие и конкретен дил со веќе познати инвеститори? Во интервју за познатиот американски десничарски портал „Брајтбарт њуз“, Мицкоски деновиве безмалку го „нацрта“ посакуваниот инвеститор, но исто така навести и дека хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ ќе бидат наменети за „хранење“ на ваквите објекти со електрична енергија, а не како што се мислеше – за балансирање на електроенергетскиот систем во земјава.
Дополнителната електрична енергија, како што изјави, ќе ѝ помогне на Македонија да изгради центри за податоци за да ја искористи моќта на вештачката интелигенција. За таа цел, како што изјави Мицкоски за порталот, во моментот одржува состаноци со извршниот директор на „Рамбл“ – водечката платформа за видеостриминг – Крис Павловски, чии предци се Македонци, за да разговараат за нивна изградба во неговата земја.
„Сега сите зборуваат за вештачка интелигенција, а вештачка интелигенција без центри за податоци – не можете да управувате со центри за податоци без одржливо снабдување со електрична енергија“, изјави Мицкоски. „Ова е единствениот начин на кој можеме да управуваме со центри за податоци и да работиме на вештачката интелигенција. Крис инвестира многу со своите партнери во Европа. Знам дека купија една голема компанија во Германија и бидејќи има супер големи патриотски чувства кон земјата, од каде што потекнува неговото семејство, сака да инвестира во Македонија. Ќе се сретнам со него овој викенд за да разговараме повеќе за неговите потенцијални инвестиции и инвестициите на неговите колеги во центрите за податоци и што можеме да обезбедиме за нив. Кога станува збор за тие две хидроцентрали, зборуваме за проект во износ од 1,5 милијарда долари, а кога станува збор за центрите за податоци, зборуваме за целосна американска инвестиција и ќе ги стимулираме на сите можни начини за да ја направат таа инвестиција остварлива во иднина“, изјави Мицкоски.
Кај нас сѐ уште нема законска регулатива која што ќе ја овозможи правната рамка за изградба на дата центрите. Владата подготви правна рамка со измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење за да овозможи и стимулира изградба на државни и приватни дата-центри во државата. Оваа област досега не беше посебно уредена, па затоа се воведува нова категорија „градби за чување и складирање дигитални податоци“, а целта е, како што стои во образложението на предлозите, привлекување големи странски и домашни инвестиции во информатичката инфраструктура и намалување на зависноста од туѓи сервери.
Експертите и јавноста нагласуваат дека проектите мора да бидат прецизно планирани со строги еколошки стандарди, особено поради големата потрошувачка на електрична енергија и вода за ладење.
Денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, јасно ја позиционираше опозициската партија против ваквиот начин на изградба на дата центри, при што предупреди на сериозните ризици што изградбата на дата-центри кои владата на Мицкоски ги турка нетранспарентно и „под радарот“ може да ги предизвика врз водата, земјоделството и ценатата на струјата.
Филипче отвори прашања и за огромната потрошувачка на електрична енергија од дата-центрите и можните последици врз цената на струјата и потребата од дополнителен увоз.
„Зарем не е легитимно прашањето што ќе се случи со капацитетот за водоснабдување на сите полиња на земјоделците кога ќе се изгради дата-центар? Зарем не е легитимно прашањето што ќе прави Македонија со струјата која што во еден дел целосно ќе биде искористена од тие дата-центри, затоа што тие трошат многу струја? Понатаму, што ќе се случи со цената на струјата?“, рече Филипче.
Тој праша и дали огромната потрошувачка на електрична енергија може да го ограничи идниот индустриски развој во областите каде што би се граделе вакви центри, односно дали тоа значи дека нема да има капацитет за ништо друго да се направи во околина на дата-центрите поради тоа што тие користат многу струја?
Тој исто така предупреди и на влијанието врз животната средина, особено на прашањето каде ќе завршува загреаната вода што ја користат дата-центрите и какви последици може да има тоа врз реките и биодиверзитетот.
На сериозните ризици укажуваат и другите опозициски партии – Левица од каде што денес преку соопштение прашаа ако дата-центрите се толку добри за една држава како што тврди Мицкоски, тогаш зошто во САД веќе има над 500 активни привремени или трајни забрани и мораториуми за изградба на дата-центри? Само во јули повеќе од 150 градови и окрузи вовеле вакви ограничувања.
„За Македонија, која секое лето се соочува со температури над 40°Ц, сушни периоди и проблеми со водоснабдувањето во повеќе населени места, прашањето не е дали дата-центрите звучат модерно, туку дали ќе им се даде приоритет на серверите пред водата за населението, земјоделството и локалната економија“, посочија од Левица, додавајќи дека огромен проблем е и снабдувањето со струја на овие дата-центри.
„Од економска гледна точка, дата-центрите им придонесуваат само на сопствениците на овие дата-центри, или, во нашиот случај, експлоататорите на Македонија. Од ова државата би имала само мал дел од финансиите кои се несразмерни со она колку од своите природни богатства државата дава за да функционираат регуларно овие дата-центри“, велат од Левица, За оваа партија, споредбата со „новата нафта“ е крајно показателна, прашањето е кој го контролира ресурсот, кој ја има технологијата за негово искористување и кој го зема профитот.
„Ако антимонот го вадиме ние, а го преработуваат други; ако водата и струјата ги обезбедува државата, а профитот го зема приватниот капитал; ако кај нас доаѓа отпадот, а кај граѓаните останува загадувањето – тогаш Македонија не станува богата, туку ресурсна периферија на туѓиот капитал“, велат од Левица.
Пехчевската епизода можеби навестува во кој правец ќе се движи расположението околу изградба на дата центрите, иако не го даде одговорот која е компанијата која што стои зад иницијативата и дали е тоа всушност пробен балон за идните чекори на власта. Премиерот Мицкоски не сакаше да коментира за иницијативата бидејќи станува збор, како изјави вчера при посетата на УХМР во одговор на новинарско прашање – за приватна иницијатива. Но, не пропушти да стави до знаење дека нема намера да попушти и дека ќе ја форсира постапката за изградба на центри за податоци, дури е подготвен за тоа да плати и политичка цена.
„Наша цел како влада е да ја развиваме државата и јас сум подготвен ако оваа политика е погрешна да ја платам политичката цена. Но јас како човек, како професор и инженер сум убеден дека ако не го препознаеме моментот, ако не го фатиме моментот сега и ако не успееме да се качиме сега на тој брод, за жал сите ќе нѐ претркаат. Наместо да бидеме фронтранери и први, ние ќе бидеме повторно на дното и за неколку години од денеска повторно ќе се обвинуваме самите себеси зошто било тоа така, зошто било тоа вака“, изјави Мицкоски.
Инаку, во светот има околу 12.000 активни дата-центри од сите видови, но специјализираните и најголемите капацитети посветени на вештачка интелигенција се многу поретки и се содржани во само 32 држави при што најголемите гига-кампови и над половина од капацитетите се наоѓаат во САД, Кина и неколку европски земји. САД се апсолутен лидер со над 5.000 дата-центри (и околу 2.500 локации со активна ВИ-компонента), следени од Германија, Велика Британија и Кина. Во САД инаку, има се поголем отпор за дата центрите, поради бучавата којашто ја создаваат и негативните ефекти врз животната средина.