За Груби фалеше уште црвен ќилим, вели Филипче


 

Со доаѓањето на Артан Груби се случи урнисување на правниот систем на државата, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето на Сител.

Според него, начинот на кој се појави Груби на „Блаце“ покажува дека има договор со власта.

„Сите видоа што се случи на граничниот премин ‘Блаце’ тој ден. Тогаш се случи урнисување на правниот систем, се случи целосно губење на довербата на сите граѓани. Се појави бегалец којшто е на листа, луѓе кои ги бараат во државата, се појави елегантно, мирно, смирено, со наочари, со насмевка, му ставија лисици луѓе кои што претходно беа дојдени, полицајци, не полицајците кои работат на граничниот премин, имаше камера која го снимаше сето тоа, единствено нешто што недостасуваше беше црвен ќилим“, рече Филипче.

Тој посочи дека граѓаните веќе чувствуваат страв поради тоа што изгубија верба дека оваа власт може да испорача конкретни резултати за напредокот на државата.

„Мицкоски ветуваше правда, викаше дека ДУИ се криминалци а што излезе? Се договориле со Артан Груби“  рече претседателот на СДСМ. „Излезе соопштение од обвинителството дека пуштањето во домашен притвор е по интервенција и по сугестија на АНБ и МВР. Па излезе директорот на затворот кој што кажа дека ниту АНБ, ниту МВР, кои се директно контролирани од премиерот, дошле и направиле проценка. Тоа не се случило. Очигледно е дека има договор“, рече Филипче.

Тој нагласи дека секој што го прекршил законот треба да одговара.

„Кој го прекршил законот, нека одговара. Од која и да е политичка партија. Ама вакви монтирани и договорени политички дилови не носат верба во судскиот систем. Очигледно е дека и судството и обвинителството се целосно партизирани. Тоа се луѓе кои директно му одговараат на премиерот. Па кој има верба во такво судство?“ потенцираше Филипче.

„Стравот е кај сите граѓани, дека оваа држава нема да ја биде. И стравот им е оправдан, затоа што видоа што и како се прават тие договори. Граѓаните не се ниту слепи, не се ниту глуви, не се ниту наивни. Се случи целосно губење на довербата на сите граѓани, на сите луѓе кои што живеат во оваа држава, дека ова власт може да испорача тоа што треба, нешто што треба – реформи, вистинска правда, и тоа се случи на очите на сите граѓани“, рече Филипче.

Во интервјуто Филипче посочи дека никој повеќе не може да ги излаже граѓаните и покрај силната пропагандна машинерија на ВМРО-ДПМНЕ.