За еден ден фатени тројца предизвикувачи на пожар

МВР денес соопшти дека лишиле од слобода три лица кои предизвикале палење и пожари во скопско, струмичко и во тетовско подрачје.
Имено, полициски службеници од ПО Групчин го лишиле од слобода Н.И.(70) од с.Чифлик, постапувајќи по претходна пријава дека тој, додека ја чистел неговата нива на местото викано „Ливада” на стариот пат од с.Чифлик за с.Ларце, ја запалил собраната сува трева и предизвикал пожар, кој потоа бил изгаснат. Н.И. е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
Истиот ден во село Василево, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Е.А.(42) од село Василево, струмичко. Тој се сомничи дека подметнал пожар на место викано „Џидет“, во атар на село Василево, во кој била зафатена нива со сува вегетација. Од страна на Територијалната противпожарна единица Струмица пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Лицето е задржано во Полициската станица Струмица и за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
Исто така истиот ден, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода А.Г.(35) од с. Кондово, скопско, затоа што во Кондово, со употреба на бензин, го запалил патничкото возило „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ш.Ѓ.(51) од с. Кондово. СВР Скопје против А.Г. поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност” по член 288 од КЗ, а од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, одредена му е мерка притвор во траење од осум дена.