За два месеци извозот „тежи“ 1,2 милијарди евра, а увозот 1,8 милијарди


Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – февруари 2026 година, изнесува 1 258.6 милиони евра: +2.4 % и бележи пораст од 2.4 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, пак, изнесува 1 879.6 милиони евра, што е за 2.4 % повеќе во споредба со истиот период од 2025 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.

Во увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и електричната енергија.

Во периодот јануари – февруари 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 49.9 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 57.8 % во вкупната размена.