За два месеци долгот за ДДВ кон компаниите се зголемил шест пати, вели Битиќи
Од октомври до сега долгот на државата по основ поврат на Данок на додадена вредност кон компаниите се зголемил дури за шест парти, изјави денес од собраниската говорница пратеникот од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи. Сега долгот изнесува 31 милион евра, тврди Битиќи.
„Ликвидноста на компаниите е доведена во прашање, а економијата трпи директни последици. Освен задолжувањето од Унгарија, доказ за ова е и доцнењето на повратот на ДДВ, кој во моментов изнесува околу 1,9 милијарди денари или приближно 31 милиони евра. Кон средината на октомври долгот по основ на ДДВ кој го имавте изнесуваше околу 300 милиони денари, односно за два месеци имаме шестократно зголемување“, рече Битиќи на собраниската седница посветена на пратенички прашања.
„Приватниот сектор, кој е клучен двигател на македонската економија, оставен е без поддршка и се соочува со сериозни финансиски притисоци. Затоа моето прашање е зошто доцни повратот на ДДВ кон компаниите“, рече Битиќи.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница рече дека повратот на ДДВ се врши редовно и дека е во износ од над 2 милијарди денари на месечно ниво.
„Онаму каде што имало проневера и е отворена постапка не може да се врши поврат“, наведе министерката и додаде дека се отворени постапки и по однос на други прашања.
Битиќи, пак, посочи дека повратот на ДДВ не е луксуз, туку основен механизам кој на компаниите им овозможува да функционираат непречено, да инвестираат и да ги исполнуваат своите финансиски обврски, вклучително и редовно да исплаќаат плати на своите вработени. Неговото доцнење ги става компаниите во ситуација да се справуваат со дополнителни финансиски трошоци, како камати за задоцнети плаќања, и сериозно ги ограничува нивните инвестициски капацитети.
„Владата ја враќа економијата назад во времето на селективно исплаќање на ДДВ, практика што беше карактеристична за периодот до 2016 година“, рече Битиќи, додавајќи дека доцнењето на повратот на ДДВ е само врвот на ледениот брег од нарушувањето на ликвидноста на компаниите поради неподмирени обврски на државата.
Тој вели дека ако се погледне и кон доспеаните, но неплатени обврски на јавните претпријатија и институции, кои до крајот на годинава ќе достигнат астрономски една милијарда евра, тогаш станува јасно дека државата ја префрла својата неодговорност врз грбот на стопанството.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска одговори дека повратот на ДДВ доцни кај фирмите затоа што се прават проверки.
„Што очекувате? Редовен е. Има компании со проневерени пријави. Треба повторно да ги прифаќаме фиктивните фактури и да го финансираме криминалот? Вашата игра беше фиктивни фактури, фантомски фирми, непостоечки жители од Косово, во Бугарија и Турција, затворање на компании итн. Сето тоа е детектирано и тука е проблемот.
Таму каде што има спорни ситуации, има отворени предмети. Додека не се затворат предметите од надлежните институции, логично е дека не може да има поврат на ДДВ. Тоа требаше и вие да го правите, а не само ние“, рече министерката.