За ДУИ сите опции се можни


ДУИ сака да се најде решение за политичката криза во земјава и за тоа ќе разговара со партиите од двата блока. Во таа насока Генералниот совет на партијата на денешната седница го овластил Али Ахмети да преговора со политичките актери во земјава.

„Претседателот Ахмети ќе разговара со сите политички партии во двата блока, освен со деструктивните партии кои се јасно дефинирани со нивните програми против стратешките определби на државата и нашите граѓани“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Османи рече дека сите опции остануваат отворени, вклучително и предвремени избори, како и одење во опозиција.

„Сите опции се можни, освен комбинации кои се спротивни на стратешките интереси“, додаде Османи.

Лидерот на партијата Али Ахмети пред средбата изјави дека во актуелната ситуација, приоритет треба да се даде на стратешките интереси на земјава, како што е договорот со Бугарија и отворањето на преговорите со ЕУ. Според него, објавеното ново мнозинството е демократско право, но рече дека треба да се види неговата програмска ориентација. Тој ги демантираше гласините дека пратениците на неговата партија се во преговори за приклучување кон мнозинството што го објави Христијан Мицкоски.