За ДУИ е неприфатливо отстранувањето на делницата Требеништа – Струга – Ќафасан, како дел од Коридорот 8


Демократската унија за интеграција денеска преку соопштение до медиумите реагира на изјавата на министерот за транспорт јавно кој деновиве рече дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан, како дел од Коридорот 8, може да биде исклучена од проектот, повикувајќи се на ограничувања поврзани со УНЕСКО.

„Оваа изјава е алармантна и неприфатлива“, реагираат од ДУИ.

Тие посочуваат дека Коридорот 8 не е локален инфраструктурен проект, туку е стратешки коридор кој ги поврзува Јадранското и Црното Море, обединувајќи ги Италија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија во една економска и геополитичка оска.

„Делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е составен дел од овој коридор и дел од одобрениот план и постојните договори. Отстранувањето на оваа делница не е само техничка промена. Тоа значи нарушување на самата логика и функција на Коридорот 8“, се вели во соопштението од ДУИ, додавајќи дека без оваа делница се прекинува природната врска на коридорот меѓу Јадранот и источниот дел на Балканот.

„Слабеењето на овој коридор отвора простор за промоција на оска север–југ, што се совпаѓа со инфраструктурни проекти кои во регионот се промовираат од други геополитички актери. И добро знаеме дека зад таквата ориентација често стојат проекти поврзани со Србија, како и со интересите на Кина и Русија во регионот“, велат од ДУИ.