За бугарското МНР изјавите на Николоски се „неевропски и невоспитани“


Министерството за надворешни работи реагираше на зборовите на вицепремиерот и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски, кој Бугарите ги нарече „мизерни“.

„Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на официјални лица од Република Северна Македонија, ние категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив тон со добро воспитување. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации  кои имаат за цел, меѓу другото, да го уништат дијалогот“, наведуваат од МНР.

Министерството за надворешни работи уште еднаш потсетува на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија.

Остра политичка реакција дојде и од бугарското Народно собрание откако Николоски искажа куп навреди за необезбедувањето македонско знаме од домаќинот, претседателот Руумен Радев, за време на посетата на претседателката гордана Сиљановска Давкова. Бугарските пратеници го повикале бугарското МНР за итна акција, испраќање демарш, па дури и отповикување на македонската амбасадорка Агнеса Руси-Поповска. Копретседателот на ДПС, Дељан Пеевски побарал отповикување на амбасадорката додека во Софија „не добијат извинување од Скопје“.

„По уште една скандалозна и неприфатлива ароганција што ја покажа прорускиот режим на Мицкоски, РСМ мора да добие дефинитивен одговор од бугарската држава. Амбасадорот на РСМ мора веднаш да биде отповикан додека Бугарија и Бугарите не добијат соодветно извинување за навреди кон бугарската држава и народ“, рекол координаторот на пратеничката група на ДПС.

„И нека се знае дека нема да толерираме некој да си дозволи таков став, уште помалку претставници на власта на земја за која Бугарија направи толку многу како поддршка низ годините“, нагласува Пеевски.

Од партијата Продолжуваме со промените потсетиле дека има договор што Скопје треба да го спроведе доколку сака да влезе во ЕУ, „а тоа е веќе проблем меѓу Македонците и Брисел“, кој треба да го заштити, како што велат, нивниот интерес како земја-членка.

„Мора да има реакција од страната на Бугарија, која ќе потсети токму на тоа – дека  има договор кој мора да се спроведе“, изјави копретседателот на ПП, Асен Василев.

Според него, Европа треба да излезе со реакција.

„Нашето МНР мора да работи со Европа, бидејќи, знаете колку не плукаат за договорот. Тоа е веќе проблем меѓу Европа и Македонија, а бугарските интереси ги штити и Европа“, прокоментирал Василев во Бугарското Собрание.

„Тоа е она што Македонците мора да го разберат. Ако сакаат да влезат во ЕУ, има договори и овие договори мора да се спроведат“, нагласил тој.

Тошко Јорданов од Има таков народ рече дека Николоски покажал зошто за Македонија нема место во ЕУ и дека Бугарија и РСМ немаат заедничка историја од едноставна причина – што таа е бугарска историја.

-Десната рака на премиерот Христијан Мицкоски ги нарече Бугарите „мизерни“ и рече дека Бугарите и Македонците немаат ниту заедничка историја, ниту заеднички корени. За овој тип на реторика и за земјата во која нејзините политичари си дозволуваат да зборуваат така, нема место во ЕУ и нема да влезе, категоричен е Јорданов. Тој ги обвини ПП-ДБ, ДПС и ГЕРБ за национално предавство за укинувањето на ветото за Македонија.

Во врска со тврдењата дека двете земји немаат заедничка историја, Јорданов одговори: „Јас сум историчар и можам да ви кажам – нема заедничка историја, од едноставна причина што тоа е бугарска историја. Тие се дел од бугарската историја. И тука можам да се согласам, тие имаат некаква историја од 1944-1945 година, кога се создадени по линијата на Коминтерната. Имаат историја како територија, како народ – не, затоа што се дел од бугарската историја, а да не зборуваме дека нивниот јазик е дијалект. Сè што е историски факт е едноставно историски факт и точка“.

Николоски вчера во емисијата „За или против“ на Алфа ТВ, на средбата меѓу Радев и Гордана Сиљановска, домаќините не покажале респект кон нашата претседателка.

„Минимум пристојност е да ставите знаме на државата од која што доаѓа претседателот. И минимум човек треба да е нормален за тоа да го сработи. Најмалку треба да се очекува од претседател на држава да оди таму и да гледа каде има – каде нема знамиња. Тоа не е работа на претседателката,туку на домаќинот да покаже пристојност. Ама затоа што домаќинот очигледно ниту е цивилизиран, ниту е пристоен, ниту има каква било почит, затоа е работава ваква каква што е. Е сега помизерни од нив се само нашиве домашниве слуги, кои прифатија дека имаме заедничка историја и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, а сега зборуваат за патриотизам“, рече министерот за транспорт Николоски.