За Битиќи нема ништо спорно во стратешките енергетски инвестиции

На директно прашање дали смета дека законите треба да продолжат со процедура во Собранието, вицепремиерот одговори потврдно


Секое поскапување на нафтените деривати за државата станува и фискална утеха, вели Фатмир Битиќи (Фото: Б. Грданоски)

Вицепремиерот Фатмир Битиќи смета дека нема ништо спорно во законите и во договорите за стратешки инвестиции од областа на енергетиката и дека процедурата за нивно донесување во Собранието треба да продолжи. Тој исто така вели дека нема ништо спорно во мислењето на Комисијата за заштита на конкурентноста, која, според него, само укажува дека процедурата треба соодветно да се запази и таа ќе се запази. Одговарајќи на прашања на новинарите на прес конференција, тој потврди дека на седница на Влада денеска се расправа и за овие договори, од кои еден беше јавно оспорен и од Министерот за економија Крешник Бектеши заради, како што потенцира, доделување двојно или тројно државна помош. Многубројни забелешки за овие договори има и од Здружението на инженери.
На директно прашање дали смета дека законите треба да продолжат со процедура во Собранието, Битиќи одговори потврдно.
„Да, затоа што моето дете, вашето дете, нашите деца заслужуваат да живеат во здрава животна средина и во добра земја“, рече Битиќи.
Запрашан дали Владата ќе ги повлече законите и договорите, конкретно предлог законот за когеенративна гасна централа во Скопје на грчки Митилинеос, за кој е предвидена и државна помош, откуп на струја и на топлинската енергија, ослободување од давачки и тн, вицепремиерот одговори дека седницата на Владата се уште трае, и дека време на одржување на прес конференцијата посветена на предлогот за бесплатна замена на сообраќајните и на возачките дозволи, имало пауза.
„На Владата се разговараат сите можни прашања. Има таков предлог на седница на Владата, ќе се разговара,. Ќе видиме кои се аргументите. Инаку, само за информација, за предлогот на компанијата која што ја посочувате – Митилинеос е преговарано две и пол години, и ако сакате ќе ги добиете записниците од Комисијата за стратешки инвестиции кои се десет на број, во кои што се вклучени сите институции во преговорите. На самата седница ќе се разговара дали има потреба од нивно повлекување и тогаш ќе можеам да одговорам“, рече Битиќи.
Со оваа изјава тој практично го демантира министерот за економија Крешник Бектеши дадена минатат недела рече дека и покрај уверувањето во јавноста, Министерството за економија не учествувало во преговорите, туку дека „само го врши формалниот дел за да се прикачи на седница на Владата одреден предлог договор или во овој случај предлог закон каде што анекс е договорот кој вие сте го виделе и кој веќе е објавен“.
Бектеши исто така рече дека за него е спорно, а тоа го слушале и од експертите и анализите кои ги правеле, „инвестиции кои веќе имаат еден вид на државна помош, индиректна, било тоа да се фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија, веќе ја користат државната помош од страна на Владата“, како и дека не познава дали има ваков пример, не само во регионот, туку и во другите држави, една инвестиција да има два или три вида државна помош.
За Битиќи, прашањето дали е многу или е малку не е тоа што тие ја дефинираат.
„Одлуките на Влада се колективни, и заеднички и сметам дека вклучувањето на различните институции е битно во целиот процес на преговарање и затоа не сакам да се изјаснам се додека не отидам на матичната комисија во Собрание каде што ќе ги изнесам сите факти кои што се однесуваат на соодветните договори. Секако, Собранието е највисок законодавен орган кој што треба да постапи. Ако навистина смета дека договорите и законите не се добри за нашата држава, пратениците се тие кои што можат да го одбијат секој еден предложен закон“, рече Битиќи.
Тој ја оспори и реакцијата на екепсртите во јавноста.
„Ако реакција во јавноста на еден потпишан уметник и бивш дипломат е реакција на експертската фела, прифаќам дека така треба да разговараме за секое едно прашање во нашето општество. Јас навистина ги ценам експертите, но ценам вистински експерти кои што својата експертиза и знаење го ставаат во насока на помош на нашата држава и унапредување на политикита на нашата држава. За жал во 33 години независност на нашата држава, можев денеска да ве изненадам со една боца кислород, чист воздух, затоа што надвор тоа не можеме да го имаме заради тие ексерти кои што денес се против енергетските проекти“, рече Битиќи, додавајќи дека меѓу седум диополнителни точки на седницата на Владата е и онаа на министерот за економија, за која ќе се се разговара, а Владата е таа што одлучува.
„Аргумнентите ќе се стават на маса, тоа е начинот како се носат одлуките на Влада“, рече Битиќи.
На забелешката дека не се само министерот за економија и експертите, туку дека и Комисијата за заштита на конкуренцијата бара дополнително објаснување околу државната помош и дека нејзиното мислење до овој момент не е позитивно, Битиќи одговори дека Комисијата за заштита на конкуренцијата има две забелешки.
„Едната е во однос на членот 11 од договорот и сметам дека тој соодветно ќе биде сменет“, рече вицепремиерот, додавајќи дека не се доделува државна помош, затоа што државна помош се дава со договор за државна помош кој што има соодветна процедура.
„А, таков договор не е во собраниска процедура. Знаете дека нема таква законска одредба која што укажува дека договор за државна помош треба да оди во Собрание. Во моментот кога договорот за државна помош ќе биде актуелен, односно кога Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони ќе треба да го додели, ќе влезе во соодветна процедура во Комисијата за заштита на конкурентност за да даде мислење и да даде решение. Доколку во тој момент Комисијата за заштита на конкурентност не даде мислење ниту решение по однос на договорот за државна помош, тој соодветно ќе се поправи“, рече Битиќи.
Во суштина, според него, тоа било укажувањето и мислењето на Комисијата за заштита на конкуренност.
„Ништо не е надвор од законот. Дури јас ќе ве поттикнам заедно ако сакате да ги најдеме сите списи, да ги декласифицираме што се случувало пред 2017 година кога сите договори за државна помош скоро и да немале мислење на Комисијата за заштита на конкуренцијата, а добивале многу повеќе средства и во име на државна помош, а притоа бенефитите ги немаме и ден денес. Така што, нема ништо спорно во мислењето на Комисијата за заштита на конкурентноста, само укажува дека процедурата треба соодветно да се запази и таа ќе се запази“, рече Битиќи. (М.Ј.)