За 80 општини ќе се борат речиси 300 кандидати за градоначалници


Државната изборна комисија објави список за кандидати за градоначалници, ден по истекот на рокот до кога можеа да се пријават во ДИК. Во списокот се впишани вкупно 297 кандидати за градоначалници на 80 општини и Град Скопје.

Најмногу пријавено кандидати за градоначалници има за Град Скопје. Скопјани ќе избираат меѓу 12 кандидати за градоначалник и 15 советнички листи. Ова е досега најголем број на кандидатури поднесени за локални избори во главниот град.

Градоначалникот Петре Шилегов, кој на претходните избори победи во првиот круг, ќе има поддршка од ДУИ, како и од ДПА и Беса. Но, овојпат гласовите на Албанците се расцепкани, затоа што опозициската Алијанса за Албанците најави поддршка за Данела Арсовска, кандидатката што ја поддржува и ВМРО-ДПМНЕ.

Бени Шаќири е кандидиран од ЛДП и ДОМ, Агим Јонуз од Твоја партија, Петар Георгиевски од Левица,  Ана Петровска од каолицијата „Зелен хуман град„,  Александар Тортевски оди како независен. Свои кандидати ќе имаат и Бошњачкиот демократски сојуз, ТМРО, Демократи, Интегра, Родина и Титови сили.

За скопски Центар,пак, се кандидирани 7 лица за градоначалник, и 10 советнички листи.  СДСМ во оваа општина одат со Горан Герасимовски, а ВМРО ДПМНЕ со Наташа Котлар. ЛДП ДОМ го кандидираат Антони Новотни.

Во Карпош ќе се бира меѓу  6 кандидати за градоначалник и 10 советнички листи. Од поголемите партии ќе се соочат Душко Весковски од СДСМ, Оливер Зафировски од ВМРО ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Дарко Ристовски од Левица и Христа Најданов  од ЛДП и ДОМ.

Со сегашните градоначалници СДСМ и на овие избори ќе оди во Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров и повеќе мали општини. ВМРО ДПМНЕ, пак, нуди нов кандидат за Аеродром, пратеникот Тимчо Муцунски, кој ќе му се спротистави на Александар Филиповски од СДСМ.

Раситнување на партиските гласови се очекува и во Куманово, меѓу кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски и актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски. ВМРО-ДПМНЕ оди со актерот Тони Михајловски.

Во Кичево, независниот кандидат Фатмир Лимани ќе му биде противкандидат на актуелниот градоначалник од ДУИ, Фатмир Дехари. СДСМ немаат кандидат, додека ВМРО-ДПМНЕ оди со лекарот Александар Јовановски.

Во Тетово, има примено седум пријави за кандидати за градоначалници и десет за советнички листи.На досегашната градоначалничка од ДУИ, Теута Арифи, ќе и се спротивстави Билал Касами од БЕСА, а кандидат имаат и СДСМ, Хамдије Елезовиќ. Во трката ќе влезат и поранешниот градоначалник од редовите на ДПА, Сади Беџети, како и Вулнет Мурсели од Алијанса.

Во Гостивар се доставени четири кандидатури за градоначалник и десет листи за советници. Во Прилеп се поднесени пет кандидатури за градоначалник и осум кандидатски листи за советници. Во Битола 6 кандидатури за  градоначалник и 14 листи за советници. ВМРО ДПМНЕ оди со Тони Коњановски, СДСМ со Христи Кондовски, а ЛДП ДОМ со Горан Милевски. Охрид информираше дека се поднесени  три кандидатури за градоначалник и  11 советнички листи. Во трката за градоначалничката функција во општина Дебар ќе бидат тројца, а во соседната општина Центар Жупа двајца кандидати.

Најмалку кандидатури за градоначалник, само две  има во Маврово Ростуше. Доколку се постигне цензусот на излезност, во оваа општина изборите ќе завршат во првиот круг.

ДИК сè уште ги обработува кандидатите за членови на советите во општините. Локалните избори се закажани на 17 октомври.