Вулин: Ѝ помагаме на Македонија иако застана зад антисрпска резолуција!
„Како министер за полиција, секоја година испраќав луѓе и опрема да и помогнат на Северна Македонија да ги изгасне пожарите. Така е и денес, српските хеликоптери и пожарникари се борат со огнот за да ги спасат луѓето и имотот на Северна Македонија“, истакна вицепремиерот на Србија и поранешен министер за полиција Александар Вулин, потсетувајќи дека Србија и помага на Северна Македонија во гаснењето на шумските пожари и покрај фактот што Северна Македонија беше спонзор на антисрпската резолуција за Сребреница.
„Драги наши соседи, следниот пат кога ќе ве повика некој амбасадор и ќе ве замоли да гласате за нешто што длабоко ја навредува Србија, како лага за геноцидот во Сребреница, сетете се кој беше таму кога гореше. Големите сили ве фалат кога ги слушате и ги повредувате Србите и Србија, но кога шумите ќе почнат да горат, Србија е прва на помош“, изјави Вулин пренесуваат тамошните медиуми.
„Имате прекрасен јазик, барајте зборови во него што означуваат чест, лојалност, благодарност “, рече вицепремиерот на Србија.
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска ги испрати припадниците на Хеликоптерската единица и Секторот за вонредни ситуации кои со хеликоптерот Камов К-32 заминаа во Северна Македонија за да помогнат во гаснењето на шумските пожари и им посака успешна работа. Дачиќ изјави дека помошта за соседната земја е испратена врз основа на барањето на Владата на Република Северна Македонија за давање помош во гаснењето на шумскиот пожар.