Вучиќ наредните 10 дена ќе одлучува што ќе биде во Србија: нова влада или нови избори


 

„Во следните 10 дена ќе одлучиме дали ќе одржиме избори или ќе формираме нова влада“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредна прес-конференција вечерва во Белград.

„Постапката е следна: оставката треба да се констатира во Собранието. Откако ќе биде констатирана, почнува рокот од 30 дена додека мора да се избере влада. Доколку не се избере, се распишуваат избори. Претседателот на Републиката е должен да ја покрене процедурата за избор на нова влада, нема да избегнувам консултации, иако знам дека ќе добивам само навреди. Ајде да разговараме дали да формираме влада или да има нови избори. Вучевиќ веќе започнал разговори со Дачиќ, тој рекол дека не е за избори. Ќе продолжиме со разговорите со другите“, рече Вучиќ во уште едно од серијата „обраќања до нацијата“ по драматични два дена во Србија.

Милош Вучевиќ поднесе оставка од функцијата премиер на Србија. Како што објасни, поднесува оставка бидејќи смета дека е објективно одговорен за нападот врз студентите кои беа ноќеска нападнати во Нови Сад.

Синоќа околу три часот физички биле нападнати студенти во Нови Сад. „Една девојка е тешко повредена, моментално се наоѓа во Клиничкиот центар во Војводина, вилицата ѝ е изместена и има повреди по целото тело, уште неколку студенти се со полесни повреди“, се наведува во изјавата на студентите до Н1.

Студентите објаснуваат дека четворица мажи со бејзбол палки бркале група студенти кои ставале налепници на кои пишувало „Три месеци, три моста“.

„Утрово добивме информација за нападот во Нови Сад, сакам да кажам што точно се случило. Нападите на партиските простории траат со недели, а претходната вечер, некаде помеѓу 3 и 4 часот, речиси секогаш истите луѓе од истата анархистичка група почнаа да напаѓаат, момците почнаа да се кошкаат и ги оттурнаа. И тоа беше во ред. Ништо не е во ред кога уништуваш туѓ имот. Потоа се случи нешто скандалозно што не го разбираме, дека тие момци почнаа да ги бркаат по улиците на Нови Сад оние кои ги ставаа тие шаблони и на крајот ја повредија девојката. Добро е, се надевам дека ќе биде добро“, изјави Вучиќ.

„Тие момци кои го направија ова направија огромна штета на земјата, на партијата, на секој од нас. Рековме дека секогаш сме подготвени да разговараме. Соодветно, и само поради тоа, работевме заедно доцна синоќа и бевме задоволни од резултатите и од тоа што се се одвиваше без проблеми, заедно со многу други работи што ни одеа од рака, а потоа се случи ова. Милош побара разговор и ми рече дека тој и градоначалникот треба да си поднесат оставки. Ми беше двојно потешко да го прифатам ова. Милош добро си ја вршеше работата, секогаш беше лојален на својата татковина, се бореше за својот народ, но веруваше дека мораме да го воспоставиме принципот на одговорност. Во оваа земја беше убиен премиерот, но министерот за полиција не поднесе оставка, имаше погром на Косово, никој не поднесе оставка, се прогласи независност на Косово, никој не поднесе оставка. Дали е тоа фер кон Милош. Не е, но таков е животот, тоа е политиката. Неговиот потег ќе влезе во аналите на одговорните, тој покажа дека неговата функција не му е поважна од принципите. Сите добронамерници разбраа дека синоќа е направено добро. Ја исполнивме апсолутно секоја последна желба“, изјави Вучиќ.