Второ издание на меѓународната уметничка колонија „Трпејца 2019“


Под покровителство на Општина Охрид, а во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ од понеделник до шести септември ќе се одржи второто издание на меѓународната уметничка колонија „Трпејца 2019“.

Годинава на колонијата ќе учествуваат шест уметници од кои четворица доаѓаат од соседните балкански држави. Во Трпејца заедно со домаќините – уметниците Ѓоко Симјаноски и Свето Стефановски ќе творат и гостите Дражен Конатар од Бјело Поле, Црна Гора, Јовица Костиќ од Ниш, Србија, Ѓорѓи Андонов од Ќустендил, Бугарија и Петрит Лараку од Поградец, Албанија.

Колонија ќе има и едукативен карактер. Едно претпладне уметниците ќе творат заедно со учениците од подрачното училиште „Св. Наум Охридски“ во Трпејца. Учесниците на колонијата ќе сликаат и на отворено, а домаќините ќе им организираат посети на Свети Наум и Охрид.

Летово во рамките на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца беше организирана изложба од создадените дела на првата колонија одржана минатиот септември, а публиката можеше да ги види делата на Гоце и Владимир Илиески, Свето Стефановски, Ѓоко Симјаноски и Слободан Пупиноски.