Вториот протокол остана и во годинашниов извештај на Европскиот парламент

Мицкоски им порача на европратениците пред гласањето да се држат до европските вредности, но тие не го послушаа. Извештајот беше усвоен на пленарна седница со 411 гласа „за“ и 120 „против“


 

Европратениците го одобрија извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година на денешната пленарна седница во Стразбур. Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа „против“.

Гласањето се одржа по жестока дебата за текстовите поврзани со спроведувањето на обврските на Македонија според преговарачката рамка со ЕУ.

Амандманот 3, предложен од известувачот Томас Вајц, со кој требаше да се избрише ставот 73 од идната резолуција, беше отфрлен. За негово задржување гласаа 338 европратеници , а 126 за негово бришење. Ако амандманот беше усвоен, текстот нема конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Во став 73 се повикува Историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“ со тоа што ќе ја базира својата работа на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“ во согласност со Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија. Текстот го вклучува и концептот на „заедничка историја“.

Премиерот Христијан Мицкоски пред гласањето им порача на европратениците да се држеле до европските вредности и да го поддржат амандманот во кој билатералните протоколи се исклучуваат како формален составен дел од преговарачката рамка со ЕУ.

Никој не знае дали европратениците слушнале за оваа порака на Мицкоски, но тие не гласаа за овој амандман.

„Ако сака Европа да го задржи својот кредибилитет, тоа треба да го направи, треба да ја исправи неправдата што ѝ е нанесена на Македонија. Мислам дека тоа треба да се случи, европските пратеници треба да го поддржат и оној амандман во кој се нотираат придобивките и напредокот, но и оној дел во кој протоколите не се составен дел од преговарачката рамка. Ги охрабрувам и ги замолувам европратениците да се држат до европските вредности, дефинирани од Шуман, Аденауер и Де Гаспери при формирањето на ЕУ, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Во извештајот се нагласува дека Македонија мора да ја исполни својата обврска за уставните измени. Ставот на Советот на ЕУ е потврден, дека е подготвен да ја одржи следната меѓувладина конференција штом Скопјe ќе ги спроведе потребните уставни измени.

Став 71 ги осудува сите обиди за замена на историските споменици и артефакти, вклучително и уништувањето на автентичното културно наследство. Изразува жалење за уништувањето и фалсификувањето на бугарските натписи. Исто така, се нагласува потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби УДБА и КОС, „кои се чуваат во Северна Македонија и Србија“.

Извештајот, исто така, го критикува недостатокот на напредок по голем број прашања. Други важни аспекти се стратешката важност на Коридорот VIII, поддршката за изградбата на прекуграничниот железнички тунел меѓу Бугарија и Македонија и потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права.