Втора претстава на мјузиклот „Веселите девојки“ во Скопје
Закажана е втора претстава на мјузиклот „Веселите девојки“ и тоа на 24 март во „Македонска филхармонија“, откако првата претстава на 23 се распродаде.
Тијана Дапчевиќ ја игра една од главните улоги, а заедно со неа, на сцената во Филхармонија ќе застанат и Маја Брукнер, Зорана Павиќ, Јелена Ѓукиќ, Ивана Петерс и Светлана Сретеновиќ.
Популарните дами на шеговит начин ќе ја забавуваат македонската публика, а освен со фантастичната глума и хумор, до срцата на сите присутни ќе се обидат да допрат и со изведба на најголемите хитови.
Она што ја прави оваа претстава интересна за двете страни е интеракцијата со публиката. “Мозокот“, односно режисерот на урнебесната комедија која никого не остава рамнодушен е Раде Вукотиќ, а мјузиклот досега е одигран повеќе од 70 пати.
Претставата е адаптација на истоимениот американски мјузикл. Тоа е приказна за пет најдобри пријателки од детството, кои повторно се собираат на девојачка вечер, во чест на свадбата на ќерката на една од нив.
Освен добро познатите музички нумери како што е музичката соработка со Васил Хаџиманов, претставата ја прави интересна и драмскиот конфликт меѓу двете пријателки, во кој, секако, се вклучени и сите останати.
Животните приказни на пет различни жени се испреплетуваат – приказни за среќа и љубов, пријателство и доверба, но и незадоволство.
Влезниците се веќе пуштени во продажба, а истите имате можност да ги купите преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, Розе Веро 2 и ЈК Травел во Бисер.