„Врв ми беше кога ‘Нешнл џиографик’ го купи „Силјан“: Тамара Котевска за прекинатиот лет до Оскарите

Поканети гости од медиумите и од културната фела, синоќа, со вино и пуканки, на организиран настан во Скопје, го следеше прогласувањето на потесниот круг на номинации


Македонската приказна за Силјан штркот силно одекна во светот, ама не стигна до Оскар. “Приказната за Силјан”  на Тамара Котевска не влезе во најдобрите 15 документарни филмови според гласачите на Академијата, иако според сите предвидувања важеше за кандидат за Оскар.

Американската академија за филмски уметности и наука синоќа ги објави потесните листи за номинација за Оскар, а „Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец. На 22 јануари ќе бидат објавени петте филмови кои  ќе добијат номинација за Оскар во овие категории. Доделувањето на Оскарите е на 15 март. Филмовите кои влегоа во потесната листа во трката за Оскари се на следниот ЛИНК.

Оваа година имаше убедливо најголема конкуренција за документарни филмови, категорија од 201 филм, каде освен пандемиската година кога имаше 238, период кога се дозволија и доста отстапки: рокот за пријавување се растегна од 12 на 14 месеци и се земаа предвид и филмови кои не беа прикажани во кино, оваа година беше најплодна година на документарниот филм.

Поканети гости од медиумите и од културната фела, синоќа, со вино и пуканки, на организиран настан во Скопје, го следеше прогласувањето на потесниот круг на номинации. Иако разочарувањето беше присутно, сепак, лицата им се озарија со радост, кога на настанот, директно од Париз, пристигна Котевска и ги изненади присутните гости, кои и честитаа за огромниот успех на глобалната филмска сцена. 

„Не сум разочарана што „Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација за Оскар, за мене приказната заврши кога ‘Нешнл џиографик’ го купи, како врв во кариерата на еден филмаџија.

Но, сѐ е тоа како бонус повеќе и дел од некои елитни игри кои супер е што ние како Македонија имавме шанса да ги играме.  Среќна сум поради тоа што една македонска приказна одекна во светот, и поради поддршката што ја добиваме јас и филмот од целата нација. „Силјан“ станува значаен и гласен, а тоа е најдлабоката поента на едно филмско дело, рече синоќа режисерката Тамара Котевска. Таа потенцира дека македонската премиера на „Силјан“ се очекува на почетокот на 2026.

„Македонскиот филм сѐ повеќе расте,  ова е уште една врата која отвора простор за нови филмови да бидат видени. Видов дека сега повеќе луѓе ја знаат Македонија на мапата, знаат што се случува, сакаат да дојдат во Македонија, тоа ми е посебно драго. Сакам да им кажам на сите филмаџии во земјава, кои многу ги почитувам, мораме да продолжиме да се бориме. Ние како земја не сме добро политички позиционирани, мораме да го имаме тоа во глава. Можеби некои стремежи се понереални одошто мислиме, како на пример Оскар, тука се други игри во прашање, меѓутоа нашиот напредок е како мотивирани индивидуи кои сакаме да направат квалитет во филмот. Сакам овој успех за ‘Силјан’ да биде мотивација за сите други да продолжат да работат интензивно, да постигнеме уште нови резултати“, кажа Котевска.

По два документарца, Котевска ќе го освојува светот и со игран филм. На фестивалот Лез Аркс во Франција, штотуку го презентираше дебитантскиот игран филм „Човек против јато“, кој е уште во монтажа, и ја доби наградата Титра од 10.000 евра за постпродукција.

„Силјан“ имаше светска премиера на годинешниот Венециски фестивал, вон конкуренција за награди во документарната програма. Кампањата за потенцијална номинација во двете категории почна откако во септември „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк.

Тамара Котевска со Керолин Бернстин – извршна потпретседателка во National Geographic (за глобална играна продукција и документарни филмови)

Пред две недели освои две награди на Меѓународната Асоцијација за документарни филмови – ИДА за најдобар документарен филм и најдобра камера, а доби и номинација за најдобар филм за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit). Доби и номинација за награда на Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America -PGA). Котевска и кинематограферот Жан Дакар, кои се продуценти на филмот, се номинирани во категоријата Најдобар продуцент на документарен филм.

Во 2020, документарецот „Медена земја“ на Котевска и Љубо Стефанов имаше историски две номинации за Оскар, како прв филм што беше номиниран и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм. (Л.С.)