Врховен: Судиите секогаш се изземаат ако има сомнеж за непристрасност


По дописот што му го ипсрати Антикорупциската комисија на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, во кој превентивно ги предупредува судиите дека не можат сами себеси да се амнестираат, Врховниот суд испрати соопштение во кое тврди дека судиите секогаш сами се изземаат кога постои сомнеж за непристрасност.

Во соопштението не се споменува општата седница на која треба да се расправа за иницијативата на двајцата адвокати којашто ја отвори дилемата по кој закон за судови ќе се разрешуваат судии, но судиите порачуваат дека ваквата пракса на изземање ќе продолжи и во иднина, независно од надворешниоте влијанија.

„Судиите на Врховниот суд согласно Уставот се самостојни и независни во своето одлучување и при вршење на задачите од својата надлежност пред се оценуваат дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет. Притоа, судиите се раководат од законски предвидените основи за изземање, вклучително и субјективниот тест, односно дали судијата смета дека постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност. Во досегашната пракса судиите кои постапуваат по конкретни предмети, секогаш се изземале во постапки во кои постоеле причини за изземање, вклучително и во постапки по предмети за кои се одлучувало на Општа седница, при што не подлегнуваат на било какви надворешни притисоци“, наведуваат од судот.

За илустрација, од Врховен потенцираат дека во текот на минатата година се донесени вкупно 150 решенија за изземање на судии, од кои 146 се донесени врз основа на барање на судија.

Пред Судскиот совет се водат постапки против половина од судиите на Врховниот суд, деветмина. За случајот Кочан, постапки за разрешување се водат за Вангеловски и за уште двајца врховни судии, кои биле дел од петчлениот кривичен совет кои гласале за укинување на мерката притвор за Кочан. Во другата група се уште петмина врховни судии, предложени за разрешување за бегството на обвинетите во „Тврдина-Таргет“ Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Постапка се води и за уште две врховни судијки кои ги пријавил во Судскиот совет Вангеловски. Иницијативата на адвокатите ја отовора можноста судиите против кои се води постапка, со новиот закон за судови да поминат само со дисциплинска постапка.