„Вреди“: „Пациентот“ Османи не може да го победи докторот Таравари


 

Коалицијата „Вреди“ на албанските опозициски партии жестоко го нападна Бујар Османи како претседателски кандидат, порачувајќи дека „пациентот Османи не може да го победи докторот Таравари“ на изборите, сугерирајќи на досието на СЈО против него како поранешен министер за здравство за фаворизирање фирма на тендер, кое  беше затворено поради непронаоѓање на вина. На Османи му префрлија и што не го бранел „суверенитетот на Косово“ и што го поканил Сергеј Лавров на самитот на ОБСЕ во Македонија.

„ Бујар Османи, почитувани граѓани, не може да се нарече кандидат кој ги застапува Албанците, бидејќи за негов срам е првиот и единствен Албанец со предмет во Специјалното обвинителство, каде што е обвинет за корупција, во случајот наречен Пациент. Пациентот Бујар Османи не може да победи против доктор Таравари, бидејќи Таравари ВРЕДИ, а Бујар лаже.

Пациентот Бујар Османи не може да влее надеж кај Албанците, бидејќи ниту како министер за надворешни работи, ниту како претседавач со ОБСЕ, не виде можност ниту еднаш да излезе во одбрана на суверенитетот на Република Косово, ниту пак да ја посети. Напротив се радуваше и промовираше фотографии со Вучиќ.

Пациентот Бујар Османи не може да има полна уста со Европа бидејќи тој беше првиот политичар на нашиот континент кој по руската агресија во Украина, ја отвори вратата и во Скопје ја пречека десната рака на Владимир Путин, Сергеј Лавров. Што имаш да зборуваш за Европа кога и ја отвараш вратата на Русија?

Пациентот Бујар Османи не може да бара меѓународен ветинг, затоа што мора прво да почне од себеси и од пријателите, бидејќи општо познато е дека тој и неговата партија влегоа со двете нозе во судството, одат и до таму што инсистираат по секоја цена амнестија и враќање на Никола Груевски како народен херој во РСМ. По неколку месеци од нашето јавно прашање, до ден денес немаме одговор, дали пациентот Османи официјално или приватно се сретнал со Никола Груевски во Будимпешта?

Пациентот Бујар Османи не може да зборува и да ги злоупотребува стратешките сојузници, затоа што треба само да ги анализирате фотографиите од неговиот промотивен митинг во скромната сала Кале, каде што беше опкружен со политичари на американската црна листа, од насилници на М-НАВ, од Артан Груби – кралот на казината и партнер на српското подземје, од експоненти на ДУИ блиски до Дака Давидовиќ, од Дрин Ахмети – најмладиот милионер инвеститор и сопственик на Соравиа, од Перпарим Бајрами – извршител на највалканите бизниси и десна рака на Артан Груби, кој ќе биде запаметен по тоа што ги внесе онлајн казината во секој дом. Со овие луѓе од црни списоци и црни злосторства, овој ли ќе ни кажува за Америка и Европа? Пациенту, Америка не поддржува криминал и корупција, не се надевај напразно.

Во наредниот период ќе ги откриеме сите коруптивни афери и злоупотреби на пациентот Бујар Османи на функциите што ги водел, а такви скандали имало на сите функции што ги извршувал“, стои во соопштението на Вреди.