„Вреди“ нема да му го прости ставот на Бујар Османи за „Монструм“
Од коалицијата на албанските опозициски партии „Вреди“ порачаа денес дека дошло времето да ги објават „корупциски скандали на Бујар Османи“, но и политичките ставови што ги искажувал во минатото, со порака дека – некои од неговите постапки никогаш нема да бидат заборавени, како тие за „Монструм“.
„Случај кој, за жал, и до ден денес нанесе неизлечливи рани. Во тоа време, овој Бујар Османи – во улога на портпарол на ДУИ, се појави пред камерите и без трошка срам, без воопшто да поцрвене и без грижа на совест, ја измами целата јавност. Така, на прашањето каде е еден од обвинетите во случајот, Хаки Хазири, тој рече: „Нашите информации велат дека не е во ниту една државна институција, тој контактира со семејството и по своја волја е исчезнат”.
Од коалицијата „Вреди“ таквата изјава ја оценуваат како скандалозна, бидејќи како што велат, многу брзо се дознало дека Хаки Хазири бил задржан од органи на тајните служби во тајни институции и кон него се вршел притисок да соработува и да биде сведок во случајот наречен „Монструм“.
„Може ли да му веруваме на овој човек кој за ниски лични интереси продава се национално и се осмелува да мами без да поцрвене?- прашаа од „Вреди“.Оценуваат дека е дојдено време луѓето инкриминирани во антинационални постапки, да бидат казнети преку гласање, како најдобар инструмент за одвојување на измамникот од чесниот.