Вреди му поднесе тужба на Богојески, тој ќе им возврати со контратужба


Коалицијата „Вреди“ денеска поднесе кривична пријава за ширење говор на омраза преку  социјалната мрежа Фејсбук против петар Богојески, лидер на Македонски концепт. Кривичната ја поднесе правниот претставник на Коалицијата адвокатот Абидин Абдуљи.

„Денеска поднесовме кривична пријава против лицето Петар Богојески за ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук, со тоа што тој со таков говор на омраза стори кривично дело казниво по член 319 и 398 од Кривичниот законик. Го поттикнуваме Јавното обвинителство во иднина овие кривични дела да ги гони по службена должност по допир на глас затоа што истите се јавни и се даваат и во секои медиуми, на социјалните мрежи“, рече Абдуљи.

Бујаре Абази, потпретседател на Алијансата за Албанците-крилото на Арбен Таравари, смета дека веќе не е време за дигање на рејтинзи во таква форма и ова оди во корист на, како што рече, ДУИ која во агендата исто така планира дестабилизација. Според неа, од таа причина мора да се фокусираме на нашиот стандард, здравство и образование.

-Граѓаните се уморни и тоа дефинитивно мора да го сфатат сите политичари, дека носат одговорност и оти мора да пружиме резултати во нашето работење, а не да сметаме дека со некои такви изјави некој  ќе не поддржува. Таквите изјави дефинитивно никој не треба никој да ги поддржи, рече таа.

Одговарајќи на новинарско прашање дека очекуваат правна разврска за говорот на омраза на Богојески кој, сепак, е нивен коалициски партнер, Абази нагласи дека тие две работи не треба да се мешаат во смисол на планирање и реализирање на програмите што ги ветиле на граѓаните

-Меѓутоа, мора да покажеме дека такво нешто не е дозволиво, не во смисол само на Алијансата за Албанците или „Влен“ во чие име денеска настапуваме, туку во име на сите други што не се Македонци. Таков начин на непочитување на другиот без разлика кој, апсолутно сметам дека не ни носи добро, ниту овозможува ние да развиеме добри односи помеѓу двата најголеми етникуми во Република Северна Македонија, рече таа.

На новинарско прашање дали можеби поднесувањето на кривична пријава против Богојески политички ќе влијае, Абази смета дека нема да влијае и потенцира дека сепак треба да се покажат границите што е дозволено и што не.

– Нема да молчиме во ситуации кога не се третираме со почит како што впрочем ги третираме другите, рече Абази.

Во однос на судската постапка што се води околу тоа кој е вистинскиот претседател на Алијансата за Албанците – Зијадин Села или Арбен Таравари, Абдуљи соопшти дека уште немаат добиено никаков писмен одговор од Апелациониот суд во Гостивар.

Од партијата на Богојески возвратија со поднесување кривична пријава против Вреди, обвинувајќи ги за „ противправно користење на албанскиот јазик и знаме во Македонија, за навреди и омаловажување на Македонија и македонскиот народ, за незаконско прикривање на воени злосторства против човештвото, направени на територија на Република Македонија, за создавањето на атмосфера на линч против Петар Богојески и Македонски Концепт, како и за ширење на етничка и верска омраза и злоупотребата на ОЈО за прикривање на таквите дела, а сето тоа од страна на политички субјекти, новинари и граѓани организирани во злосторничко здружување“.

Богојески соопшти дека до Обвинителство и МВР се поднесени докази медиумски изјави од политичари кои припаѓаат на албанската етничка заедница и од социјалните мрежи каде што, како што рече, целосно се омаловажува Македонија, се оспорува постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик  и македонската држава. Богојески не спомена имиња на политичари против кои поднеле кривична пријава оти ОЈО процесуираат и за да не испадне, како што рече, дека тие некого осудуваат пред воопшто да се направи судска постапка.

-Кривичната пријава е за повеќе инкриминирачки дела – противправно користење на албански јазик и знам, навреда и омаловажување на македонскиот народ и Македонија, прикривање на воени злосторства врз човештвото, создавање на атмосфера линч лицето Петар Богојески-Македонски концепт политичка партија, ширење на етничка и верска омраза, злоупотреба на ОЈО и прикривање на такви дела, промоција на историски ревизионизам, промоција на неонацизам. Го креваме гласот во име на сите обесправени Македонци и сите чесни македонски граѓани против насилството кое врз нас го вршат албанските шовинисти без разлика на која партија и припаѓаат. Македонски концепт е партија на народот и ги застапува народните интереси. Ние сме жртви и не може веќе да плаќаме за издигање на силата на други нации и држави. Сите етнички малцинства се малтретирани во средините каде живее албанско етничко мнозинство, рече тој. 

Богојески тврди дека противправно и спротивно на насоките на Европската унија и Венецијанската комисија се користи албанскиот јазик спротивно на Устав и спротивно на Устав се користи знамето на Албанија.

– Тука секојдневно македонски државјани а албански шовинисти се користат со навреди и омаловажувања а Македонија и македонскиот народ што е казниво со закон по Кривичен законик, а никој не постапува по истиот тој закон Тука албански шовинисти не плаќаат данок, а користат државна плата, субвенции, социјална помош. Тука се прикриваат воени злосторства против човештвото направени токму на територијата на Република Македонија. Спроведена е нелегална амнестија за тие дела и не се почитуваат барањата на Совет на Европа за постапување пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг, рече Богојески.

Според него, само вчера до МВР се поднесени преку 15 пријави за закани по живот и навреди кон Македонија и македонскиот народ. Побара итно распуштање на судски и обвинителски совет, бидејќи, како што рече, тие се клучните виновници за ова што се случува во земјава.

За поднесената денешна кривична пријава од страна на Коалицијата „Вреди“, Богојески не сакаше да ја коментира бидејќи, како што рече, не знае од кого доаѓа.

На новинарско прашање дали смета дека ова политички ќе се одрази бидејќи се коалициски партнери, Богојески истакна дека врз неговата партија има негативни последици.

-На нас не ни се коалициски партнери, ние сме дел од Коалицијата „Твоја Македонија“. Непосредно ни се владини партнери. Поведението на „Влен“ барем врз нашата партија има негативни последици. Има жестоки реакции од наши членови, симпатизери и поддржувачи и од пошироката јавност бидејќи луѓето сметат дека нивното однесување не е ништо поразлично од она на ДУИ и тоа не загрижува, рече тој.

Во врска со приватното патување на претседателот на Собранието Африм Гаши во Косово, Богојески нагласи дека поголем проблем е и загрижува информацијата од МВР дека „биле шверцувани лица со службени возила кои не биле пријавени на граничен премин“. Очекува МВР да поднесе кривични пријави за вработените на граничниот премин, за надлежниот во МВР, за шефовите кои се задолжени за обезбедувањето на Гаши.