„Вреди“ контра бранителите, ќе бара решение и за статусот на борците на ОНА
Коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“, реагира на иницијативата за донесување закон за бранителите, најавувајќи дека на таквиот потег ќе одговори со барање да се реши и статусот на борците на ОНА од 2001 година.
„Времето на политичките игри заврши! Коалицијата ‘Вреди’ нема да стои со скрстени раце додека опозицијата и нејзините тивки сојузници се обидуваат да ја запалат искрата на меѓуетничките поделби за да се спасат од својата политичка корупција. Доста е со манипулации и провокации! Главен покровител на законот за бранители е ДУИ, а душегрижникот Блерим
Беџети, заедно со Данела Арсовска и Левица, го донесоа Андон Лазов Јанев
Ќосето во Скопје.
Нека го прашаат Талат Џафери, кој со новиот деловник овозможи да се
испровоцираат вакви ситуации. Исто така, нека го праша Артан Груби како се случи, надвор од секоја логика да обештети четворица ‘бранители’ со 30 илјади евра.
Законот влезе во процедура затоа што, според новиот деловник, нема можност да не се стави на дневен ред закон предложен од пратеник, Влада или кој било што има право да предложи закон. Опозициската СДСМ уште еднаш покажа дека нема намера да гради заедничка иднина за граѓаните, туку да ги отвора раните од минатото за ниски политички придобивки. ДУИ, пак, продолжува да ја игра својата старо-нова игра, насочена кон одвлекување на вниманието од своите криминали. Во знак на протест против оваа ниска и неодговорна стратегија, нашите пратеници од коалицијата ‘Вреди’ ја напуштија седницата. Нашата порака е јасна: нема да дозволиме Собранието да стане арена на манипулации и поделби. Законите што имаат за цел да го поделат албанскиот народ и да го одржуваат во живот корумпираниот систем, немаат место во нашата агенда! Тука сме за да го браниме правото на албанскиот народ и да бараме сеопфатно решение за сите рани од минатото, вклучително и за статусот на поранешните борци на ОВК“, порачаа од „Вреди“.
Вербална, но не и конкретна поддршка за бранителите најави и премиерот христиојан Мицкоски кој за поднесениот предлог-закон за бранителите од пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, вели дека – е само обид за етнички тензии.
„Бранителите ја имаат, ја имале и ќе ја имаат мојата недвосмислена поддршка. Овој закон е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска и интересно е што кога се гласаше за потребата за носење на дневниот ред, СДСМ ја напушти седницата. Самата пратеничка не го поднесува законот затоа што им мисли добро на бранителите, туку за да создадат повторно етнички тензии и нетрпеливост. Таа е картата на која тие и другите опозициски партии ќе играат во периодот што следи“, оцени премиерот Христијан Мицкоски за предлог-законот за бранители поднесен во Собранието кој ја бранува јавноста.
Премиерот истакнува дека „тие не знаат како да ја кренат економијата, како да изградат или направат нешто добро, но се мајстори за создавање тензии“.
„Речица и ‘Бихаќска’ имаа седум години можност за овие теми. Не можат поинаку да мобилизираат луѓе. Од командати излегуваат милионери, исто како што од голтари излегоа милионери“, кажа Мицкоски.
На овие изјави реагираше Артан Груби кој потсети дека СДСМ и Достоинство, додека беа во коалиција, пробувале да го протнат овој закон во Собранието, но не успеале заради ДУИ.
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска во Собранието поднесе Предлог-закон за бранителите со кој се предвидува зголемување на надоместокот по степен на попреченост од 1.200 евра како максимална месечна вредност, на 82 илјади евра доколку степенот на инвалидност е 100 проценти како еднократен надомест. Мнозинството пратеници гласаа „за“ потребата за носење на овој закон по скратена постапка.