„Вреди“: ДУИ ги користи младите како „топовско месо“

Владејачката албанска коалиција „Вреди“ денеска го обвини ДУИ дека ги искористила младите како „топовско месо“ за време на прославата на Денот на албанското знаме, кога беше сквернавено и запалено македонското знаме.
Вицепремиерот Арбен Фетаи на денешната прес-конфренција рече дека „по откривањето на планот за враќање на Никола Груевски со црвен тепих во Скопје и неможноста да даде одговори за оваа антидржавна и антиалбанска операција, ДУИ за чисто лични интереси ги користи младите како ‘топовско месо’, само за да ја избегнат правдата што ги чека“.
Според него, планот на ДУИ за дестабилизација бил урнат со 17 притворени лица, затоа што „никој никогаш во замена за ништо не може да запали државни и национални знамиња, без разлика на нивната припадност“.
Тој рече дека обезбедиле фотографии кои докажувале дека младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на Артан Груби.
„Тоа што беше дестабилизиран таканаречениот ‘Европски фронт’ не значи дека треба да се дестабилизира државата. Тоа што се поделија, не значи дека општеството ќе треба да се подели како нив.
Испраќаме порака до мераклијата на казината, Артан Груби, не обидувајте се да ги чепкате Албанците затоа што тие се наш аманет, одговорни сме и за оние млади луѓе кои ги условуваш да прават недолични постапки. Младите не стануваат камикази, Артане“.