Вработените во „Амазон“ во Велика Британија пред „историски штрајк“: Нема да работат ниту на Црниот петок
Синдикатот ГМБ објасни дека работниците на „Амазон“ во Ковентри, источно од Бирмингем, ќе штрајкуваат на 7, 8, 9 и 24 ноември, Црниот петок. Како што додаваат, тоа ќе биде најголемиот штрајк во историјата на „Амазон“, бидејќи ќе му се придружат 1.000 вработени.
Штрајкот беше најавен само еден ден откако раководството на компанијата најави зголемување на платите за најмалку една фунта (1,16 евра) на час. Минималната почетна плата за вработените ќе се искачи на помеѓу 11,80 и 12,50 фунти (13,65 и 14,46 евра) на час и помеѓу 12,30 и 13,00 фунти на час во април.
Од 15 октомври треба да стапат во сила повисоките плати за сите категории вработени.
Вработените во „Амазон“ не се задоволни од покачувањето, па одговорот го гледаат во штрајк. Рејчел Фаган од ГМБ вели дека штрајкот ќе биде „историски момент“ бидејќи ниско платените работници се спротивставија на една од најмоќните корпорации во светот.
„Ова е одговорот на нашите членови на грешките на раководството на ‘Амазон’ кои не знаат да слушаат“, додаде таа.
Просториите на „Амазон“ во Ковентри, рече таа, се срцето на нејзината дистрибутивна мрежа и штрајкот на Црниот петок тешко ќе ги погоди испораките низ земјата.
Незадоволни се и вработените во Германија, која е логистички центар на „Амазон“ за Европа. Синдикатите бараат договор за повисоки плати и подобри услови за работа. Германскиот синдикат Верди повика на 24-часовен штрајк во пет логистички центри во земјата, пренесе СЕЕбиз.