Возовите денеска ќе возат побавно поради високите температури
Екстремните горештини донесоа привремено ограничување во железничкиот сообраќај во земјава. Возовите денеска во периодот од 11 до 17 часот ќе се движат со максимална брзина од 50 километри на час.
Мерката е превентивна и има за цел да се намали ризикот од деформации на железничката инфраструктура предизвикани од високите температури.
При силна топлина металните шини се шират, што може да влијае врз нивната стабилност, особено при движење на тешки композиции со поголема брзина.
Од Регионалниот центар за управување со кризи – Скопје информираат дека железничкиот сообраќај се одвива редовно, но со приспособена брзина во најтоплиот дел од денот.
Ограничувањето ќе важи во критичниот период, со цел да се обезбеди поголема сигурност за патниците и железничкиот транспорт.