Возачот кој ја прегази Фросина во Шутка добил мобилен телефон, тврди СДСМ
Возачот кој ја прегази 22-годишната студентка од Неготино Фросина Кулакова, во истражниот затвор во Шутка добил мобилен телефон, тврди во соопштение опозициската партија СДСМ. Идентични информации претходно се појавија на социјалните мрежи, а исто така за ова обвинија и од семејствот на трагично загинатата Кулакова. На фотографиите се гледа лице облечено во дуксер со качулка преку галвата кое држи телефон, за кое се тврди дека е возачот кој смртно ја прегази Кулакова.
„Сторителот е во притвор, но денес во јавноста излегоа скандалозни фотографии од затворот Шутка, на кои јасно се гледа дека тој непречено користи мобилен телефон, иако тоа е строго забрането“, посочуваат од СДСМ.
Од партијата бараат министерот Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор, и прашуваат „каква е инволвираноста на Пандов“? (Александар Пандов, директор на Управата за извршување санкции, заб.).
„Дали е точно дека добро знаел што се случува а откако сликите излегоа во јавноста и власта е фатена жива најавува истрага?“, прашува СДСМ во соопштението.
„Ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта. Сомнежот станува уште поголем ако се земе предвид дека неговиот татко неодамна бил промовиран во Армијата лично од министерот за одбрана Мисајловски“, велат од СДСМ.