„Воскресна“ клубот „Иван Михајлов“ во Битола, живо и распеано
Во згаснатиот клуб на 24 мај настапиле триесетина млади хористи од Бугарија. Гости биле раководните лица на згаснатиот клуб и бугарскиот конзул во Битола
БИТОЛА – „Воскресна“ бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во срцето на Битола за време на празникот посветен на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, дента на 24 мај.
Живо и распеано, како ретко кога досега, поминал празникот во седиштето на сега згаснатото здружение „Клуб Иван Михајлов“ во Битола. Речиси триесетина млади хористи од Бугарија настапиле во клубот на улицата „Рузвелтова“, а меѓу гостите покрај раководството на сега згаснатиот клуб, претседателот Љупчо Георгиевски и други истакнати членови, бил и генералниот конзул на Бугарија во Битола, Николај Димитров.
Во Основниот суд во Битола тече судењето за првиот човек на клубот, Љупчо Георгиевски, кој се товари за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, или народски кажано за неговите објави на социјалните мрежи каде го величел ликот и делото на Иван Михајлов. А во објектот на клубот во Битола продолжуваат организирани настани, се чекаат гости, се празнува…
Така според јавно објавена информација на Фејсбук страницата на клубот „Иван Михајлов“ и споделената видео снимка, децата од хорот „Еумолпеја“ од Пловдив, Бугарија, ја отпеале бугарската училишна химна ,,Върви народе възродени“ или во превод „Одете луѓе преродени“, а со дечињата во хор пеат и членовите на клубот и конзулот. Во објавата пишува дека песната е по текст на Стојан Михајловски, за како што наведуваат– „дете на ВМОРО“ и музика на Панајот Пипков, за кого од клубот пишуваат дека бил близок пријател на Гоце Делчев.
На Фејсбук страната на клубот споделени се фотографии од настанот одржан на 24 мај, каде пишува дека се промовирало изданието на „Голема бугарска читанка или втор дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за македонските Бугари на Кузман Шапкарев, 1868 година“.
Според објавата, настанот се одржал во заедничка организација на клубот „Иван Михајлов“ Битола и Здружението на македонски Бугари „Интеракција“, Воено-историската комисија, Сојузот на резервни офицери Воено училиште на Величество, СЗО и Патриотско државјанство 2024… Меѓу присутните се и претседателот и членови и од новоформирано здружение „Балкански мост“ кое е формирано минатата година, исто така со битолски активисти.
Во март лани министерот за правда Кренар Лога стави потпис на решението со кое се одбива како неосновано барањето за користење на името ,,Иван Михајлов” во називот на бугарскиот културен клуб во Битола, за што претходно негативно мислење даде и Комисијата за употреба на имиња на личности.
Од минатата година тече и судењето против претседателот на клубот „Иван Михајлов“, битолчанецот Љупчо Горгиевски во Основниот суд во Битола. По три одржани рочишта во кои беа повикани сведоци на обвинителството, од декември лани рочиштата се одлагаат. Сега најавите се дека новото рочиште е закажано за септември годинава, на кое како сведок во одбрана на обвинетиот треба да се јави екс-премиерот Љупчо Георгиевски – „војводата“, претседател на ВМРО-Народна партија и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно за сведоци на Обвинителството, беа повикани Стефан Бошков, претседател на Сојузот на борците од Битола, Зоран Ѓоргиев, публицист и автор на книга за битолските Евреи. Горан Садикарио, директор на Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија и пејачот Ламбе Алабаковски, кој во 2022 година ја опожари влезната врата на клубот.
Судењето во главно тече во напната атмосфера, со жесток вокабулар, со различни толкувања на историјата и историски личности, во зависност дали сведокот е на обвинителството или одбраната. Судењето редовно го следи дипломат од бугарскиот конзулат во Битола како и претставници на ОБСЕ.