Муцунски: Нема услови за спроведување на уставните измени


Тимчо Муцунски (Фото: Б. Грданоски)

Во овој момент нема услови за спроведување на уставните измени поради начинот на којшто се позиционира соседна Бугарија, порача министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во емисијата „Тема на денот“, нагласувајќи дека државата бара одржливо решение што ќе обезбеди сигурност и предвидливост на европскиот пат без идентитетски отстапки.

Шефот на дипломатијата појасни дека постои суштинска разлика во пораките што Скопје ги добива од Брисел и од Софија, објави 4news.mk Додека институциите на Европската Унија и 26 земји-членки посочуваат дека единствен предуслов се уставните измени, Бугарија инсистира на толкување на францускиот предлог од 2022 година што вклучува наметнување историски наративи, прашања поврзани со јазикот, па дури и барања за цензура врз медиумите.

„Европската Унија и 26 земји-членки ни велат дека единствен предуслов се уставните измени. Една земја-членка ни вели има многу повеќе и тука е недостатокот на предвидливост. Под вакви услови, кога една држава сака да внесе суверени внатрешнополитички прашања во процесот, нема логика да пристапиме кон реализирање на било што, затоа што и хипотетички да се заврши тоа, повторно ќе бидеме во иста позиција“, истакна Муцунски.

Тој оцени дека досегашните директни средби на највисоко ниво меѓу претставниците на двете земји не донеле поместување бидејќи секоја страна само ги повторува своите позиции, поради што е неопходно директно вклучување и посредување од страна на Европската Унија.

Муцунски најави дека следната недела ќе престојува во Софија на министерскиот состанок за Коридорот 8, каде што планира да разговара со својата бугарска колешка за надминување на пречките.

Министерот упати остра порака за влијанието на бугарската блокада врз целиот регион:

„Соседна Бугарија прави невидена штета на стабилноста на регионот и од безбедносна и од политичка гледна точка со ова однесување кон нас. Доколку сите имаме заедничка визија за иднината на континентот, може да се најде спроведливо и одржливо решение коешто нема да создава идентитетски бариери, туку ќе нè доближува како народи“.

Муцунски се осврна и на домашната политичка сцена, упатувајќи критика до опозицијата за која наведе дека со своите настапи целосно се усогласува со ставовите на Софија, наместо да ги брани државните позиции како што тоа едногласно го прави политичкиот фактор во Бугарија.