Мицкоски вели дека делегацијата во САД била можеби и помала од 25 члена

Чебрен и Галиште сега сами ќе го градиме, ама со можен кредит од САД


Премиерот Христијан Мицкоски, во вчерашното интервју во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“ ги отфрли обвинувањата од СДСМ за бројноста на владината делегација во Њујорк, посочувајќи дека во времето на владите на СДСМ и ДУИ делегациите биле многу побројни.

„Тоа е Фројд, бидејќи тие оделе така и сега мислат дека сите одат така. Во Владата на СДС и ДУИ, за првпат на еден настан на Генералното собрание се појавија тогаш и претседателот и премиерот — ако се сеќавате кога отидоа и Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски. Тогаш можеби броеле делегациите 50 луѓе. Инаку, не, таман работа! Какви 50 луѓе, не станува збор за такво нешто. Многу помалку од таа бројка, можеби помалку од половина од таа бројка. Но, како и да е, тоа е сериозен настан — еден таков во годината што се одржува — и се разбира дека е потребна логистика и има повеќе настани на коишто повеќе луѓе треба да бидат присутни. На една група настани беше министерот Сали, на една друга група настани беше министерот Муцунски, паралелно со ова се одвиваа и економски настани настрана од Генералното собрание на Обединетите нации, па дојде и министерката за финансии“, рече Мицкоски.

Тој во интервјуто оцени дека оваа теза на СДСМ не заслужува ни одговор избегнувајќи да каже колку точно броела делегацијата, наведувајќи само дека можеби била помала од половина од бројката што ја кажува СДСМ, според која биле педесетина.  Во интервјуто тој цитираше и пораки на претседателот Доналд Трамп од приемот за кој рече дека присуствувал.  

Според него, владината делегација имала активна дипломатска офанзива и остварила повеќе економски и политички средби, сè со цел развиена Македонија.

„Посетата на САД би ја поделил на два дела: во Вашингтон и во Њујорк. Во Вашингтон имавме средби коишто за мене се од суштински, но и од политички карактер. Покрај средбите во Конгресот, посебно би ја истакнал средбата во Развојната финансиска корпорација (ДФЦ / DFC), којашто во овој момент има финансиско портфолио од повеќе од 250 милијарди долари. Таму разговаравме за можна соработка и обраќање за одредени проекти коишто би биле финансирани од нивна страна. Од наша страна беше претставен нашиот капитален проект, а тоа е проектот „Чебрен и Галиште“, за којшто со децении се обидуваме да најдеме приватен инвеститор. Но, условите на пазарите насекаде во светот, па и во Европа, се такви што во моментов тој проект можеме да го разгледуваме како наша домашна, државна инвестиција“, вели премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски додаде дека ДФЦ е веќе присутна во Македонија преку проектно-развојно финансирање на проектот за антимон во Крстов Дол, така што веќе има одредено искуство.

„Со Каролајн Вик, која е потпретседател на Финансиската развојна корпорација и одговорна за инвестиции, ценам дека имавме прилично успешен разговор и од тој разговор можам да бидам оптимист. Знаете, по тие разговори она што следи е значајно и важно — ќе го доразработиме проектот, каква ни е замислата, кој да биде инвеститор, кој да го фасилитира тој проект. Ако носител на тој проект биде АД ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ), тие сепак се компанија каде што Владата е сопственик и мора да го почитуваат Законот за јавни набавки, односно да објават повик за изнаоѓање финансиска структура којашто би го финансирала и би обезбедила ресурси за тој проект. Јас очекувам дека на тој повик би се јавила и ДФЦ заедно со други заемодаватели“, посочи премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека е важно да имате отворени врати и соговорници каде што ќе го претставите она коешто сакате да го работите, а тие понатаму ќе пројават интерес и ќе го развиваат тој проект, што е многу значајно и суштинско.

„Политичките ставови наши како Влада ги пренесовме на онаа дебата и настан што ги имавме во Атлантскиот совет. Мислам дека во тој дел испративме прилично силни и јасни пораки за тоа кои се приоритетите на политиките на оваа Влада. Потоа имавме и затворен дел којшто се темели на правилата на Четам хаус (Chatham House Rule). На него беа присутни многу дипломатски претставници од регионот, но и од Европа, со коишто разговаравме“, изјави премиерот Мицкоски.

Во однос на првиот дел од посетата на Обединетите нации, каде што се одржа Генералното собрание, премиерот Мицкоски истакна дека цел, меѓу другото, биле и средбите со дел од лидерите во регионот, но и средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„На тој начин поразговаравме за она што нѐ очекува во периодот што следи, но и за тоа кои се нашите планови за понатамошна соработка. Со генералниот секретар Гутереш повторно ги разговаравме приоритетите на меѓународната сцена, при што од него добивме голема поддршка, па дури, би рекол, и разбирање за фрустрациите коишто ги имаме кога станува збор за приклучувањето кон Европската Унија“, дециден е премиерот Мицкоски.