Волстрит паѓа втора недела по ред, европските берзи во плус

На Волстрит, берзанските индекси минатата недела паднаа втора недела по ред, најмногу поради корекција на цените на акциите во технолошкиот сектор, додека на европските берзи индексите пораснаа.

На Волстрит, Дау Џонс падна за 1,7 отсто, на 27.665 поени, додека S&P 500 се спушти за 2,5 отсто, на 3.340 поени, а индексот Насдак, 4,1 отсто, на 10.853 поени.

Падот на овие индекси втора недела по ред се должи најмногу на корекцијата на цените на акциите во технолошкиот сектор, кои забележаа пад во пет од последните шест дена на тргување.

Акциите на технолошки гиганти, како што се Apple, Microsoft, Amazon.com… беа под притисок.

Секторот водеше во растот оваа година. Индексот на технолошкиот сектор на С & П од почетокот на годинава се зголеми за околу 24 проценти, а целиот индекс на С & П 500 порасна за 3,3 проценти.

Аналитичарите велат дека ова е здрава корекција на цената, но прашањето е колку долго ќе трае таа корекција.

Иако корона кризата не му нанесе драстична штета на овој сектор, прашање е колку е оправдан ваквиот силен пораст на цените на акциите.

Исто така, се поставува прашањето дали целиот пазар не порасна премногу брзо, имајќи предвид дека економиите полека закрепнуваат од корона кризата, и покрај огромните фискални и монетарни стимулации.

На светските берзи, цените на акциите во однос на изгледите за профит се движат на највисоки нивоа од 2000 година, во пресрет на кризата позната како „точка-ком“ (dot-com), па затоа аналитичарите повикуваат на претпазливост.

„Светските берзи нагло се зголемија врз основа на очекувањата дека економиите ќе закрепнат од ‘заклучувањето’. Но, како што се приближува есента на северната хемисфера, прашањето е дали ситуацијата со корона вирусот ќе се влоши. Со оглед на ова, се поставува прашањето дали се оправдани тековните проценки на акциите“, вели Козо Коиде, економист во „Асет менаџмент Уан“.

За бавното закрепнување од корона кризата говори фактот дека минатата недела првичното барање за помош на невработените поднеле околу 880 илјади Американци, како и една недела претходно.

Ова значи дека невработеноста во САД останува висока. Некоја форма на надоместоци за невработеност во моментов добиваат 29,6 милиони Американци.

Бројот на вработени се зголеми за 10,6 милиони од април до август, но во екот на кризата со короната во февруари и март, околу 22 милиони Американци останаа без работа.

„Очигледно, на американската економија ѝ е потребен дополнителен стимул, но шансите тоа да дојде наскоро се прилично мали“, пишува Родриго Катрил, стратег во Националната банка на Австралија, во осврт за состојбата на пазарите, пренесува СЕЕбиз.