Волстрит: Нови рекорди благодарение на инфраструктурниот план на Бајден


На Волстрит во вторникот, клучните индекси достигнаа нови рекордни нивоа, поддржани од скокот на цените на акциите на компаниите чувствителни на економскиот циклус, откако американскиот Сенат го одобри инфраструктурниот план од 1.000 милијарди долари.
Индексот Доу Џонс вчера порасна за 162,83 поени, или 0,46 проценти, на 35.264 поени, додека S&P 500 зајакна за 0,1 проценти, на 4.436 поени. И двата индекси достигнаа нови историски рекорди.

Во исто време, технолошкиот индекс Насдак ослабна за 0,49 отсто, на 14.788 поени.

Предлог-законот за инвестиции во инфраструктурата од 1,2 билиони долари сега оди во Претставничкиот дом. Тој треба да овозможи најголеми инвестиции во патишта, мостови, аеродроми и водени патишта во последните неколку децении.

Сенатот сега ќе го разгледа вториот голем план на американскиот претседател Џо Бајден, кој предвидува инвестирање 3,5 билиони долари во образованието, здравството, пазарот на трудот и климата и е најголем од Новиот договор на Рузвелт од 1930-тите, што демократите планираат да го спроведат без републикански гласови.

„Пазарот го гледа планот за инфраструктура како постигнат договор и во ред е со тоа. Но, не верувам дека пазарот ќе биде во ред со инвестицискиот план од 3.500 милијарди, бидејќи има многу можности да се блокира или забави и следат повеќе разговори, така што инвеститорите се уште не се фокусираат на тоа“, вели Кен Полкари, партнер во инвестициската фирма Каце капитал адвајзорс.

Најмногу пораснаа акциите на компаниите за енергија, индустриски и градежни материјали, кои би требало да имаат најголема корист од економското закрепнување.

Најголеми добитници беа акциите на компании кои ќе имаат корист од инфраструктурни инвестиции како што се производителите на градежни машини Caterpillar, Deere и Vulcan Materials, чија цена се зголеми за приближно 2 проценти.

Акциите на ETFs iShares Infrastructure и Global X US Infrastructure Development пораснаа за 1,45 и 2,2 проценти, соодветно.

На европските берзи, индексот Stoxx 600 во вторникот достигна рекордно ниво од 472,32 поени, зајакнувајќи за 0,4 проценти во текот на денот. Во исто време, индексот Лондон Ftse порасна за 0,4 проценти, на 7.161 поен, франкфуртски DAX за 0,16 проценти, на 15.770 поени, и парискиот CAC за 0.1 проценти, на 6.820 поени.