Волшебниот глас на оперската дива Инва Мула го маѓепса Скопје (фото)


Волшебна вечер исполнета со страст и музичка извнредност синоќа на гала концертот во НОБ, приреди светски познатата оперска дива Инва Мула од Албанија, заедно со Дешира Амети-Крлиу (сопран), Исмет Вејсели (тенор) и оркестарот на НОБ, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Дејан Прошев.

Во предвечерието на божикните и новогодишни празници, публиката за миг помисли дека е во Виена , благодарејќи на разнобојните цвеќиња со кои беше украсена сцената, осветлена во црвен тон, како и тоалетата на славната оперска ѕвезда.

На програмата беа избрани дела од оперската класика на Џузепе Верди, Лео Делиб, Џакомо Пучини, Жорж Бизе, Жак Офенбах и други автори.

Инва Мула, сопран, родена во уметничко семејство во Албанија, во текот на својата блескава кариера настапувала на најпрестижните оперски сцени во светот, вклучувајќи ги Париската опера, Миланската Скала и Метрополитен опера, во соработка со врвни диригенти и режисери. Нејзиниот уникатен и препознатлив глас ѝ донесе светска популарност и надвор од оперската уметност: таа го позајми својот глас за ликот на Дивата во култниот научно-фантастичен филм „Петтиот елемент“ (1997).

Фото: Марко Угарковиќ