Воjислав Димитровски е нов директор на „Лајка“


Фото: Б. Грданоски

Град Скопје ја разреши директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, а на нејзино место го постави Војислав Димитровски. Новиот директор е ветеринарен доктор и голем поборник за хуман третман на животните. Тој и претходно беше дел од тимот на „Лајка“, односно веќе беше на директорската функција.

Разрешената Пешева, поддржана од неколку здруженија, реагираше во јавноста и својата смена ја квалификуваше како чисто партиска. 

– Крајно сум разочарана од оваа одлука. Покажавме добри резултати, работевме одговорно и транспарентно, влијаевме на јавната свест и работевме во услови кога немавме институционална поддршка од никого, кога имавме мал буџет. Буквално бевме оставени сами на себе. Ова е пример за класична партизација – наведе Пешева, потенцирајќи дека сите од „Лајка“ се вложиле со лична желба да успее оваа приказна.

Од Град Скопје одговорија дека не станува збор за разрешување, туку за истек на мандатот на поранешната директорка, Радмила Пешева.

– Во изминатиот период, на поранешната директорка ѝ беше дадена можност да ги покаже своите менаџерски капацитети, при што мандатот ѝ беше продолжен во два наврати од по еден месец, како в.д. директор. Сепак, имајќи ги предвид предизвиците во функционирањето, отсуството на видливи резултати, како и бројните реакции и пријави од граѓаните, беше неопходно да се направи промена во раководството на ЈП „Лајка“ – одговорија градските власти.