„Вог“ со модна ревија го славеше гламурот на стариот Холивуд (фото)
Холивуд синоќа блесна во сета своја величественост, претворајќи се во филмски сет од соништата. Под отвореното небо на Лос Анџелес, легендарниот „Парамонт Студиос“ беше домаќин на четвртото издание на спектакуларниот настан „Вог ворлд 2025“ (Vogue World 2025) — вечер посветена на нераскинливата врска помеѓу филмот и модата, два света кои со децении се инспирираат и надополнуваат еден со друг.
Филмските сетови, кои некогаш послужиле како позадина за безвременски класици како „Појадок кај Тифани“ (Breakfast at Tiffany’s) и „Кум“ (The Godfather), сега се претворија во модна писта што ги оживеа иконските костими од историјата на седмата уметност. Атмосферата беше магична — комбинација од стар холивудски гламур, современ луксуз и енергична уметничка визија. Најголемите имиња од светот на филмот и модата прошетаа по пистата во импресивни креации, при што секој изглед беше омаж на различна ера од филмската историја.

Никол Кидман предизвика вистински овации кога се појави во елегантен фустан што мајсторски ги спои класичниот холивудски гламур и современата минималистичка естетика. Со нејзиното кралско држење и ненаметлива елеганција, Кидман повторно потсети зошто со години важи за модна икона. Во тоалета на Шанел потсетуваше на Рита Хејворт, со најнагласена шминка, досега.

Дакота Џонсон пак, беше синоним за романтика и суптилна женственост. Облечена во розов фустан од Валентино, украсен со нежни монистра и проѕирен топ, актерката изгледаше како да излегла од бајка — впечаток што го засилија топлите светла на сетот и воздишките од публиката.
За остар и драматичен пресврт се погрижи Мајли Сајрус, која се појави во тотален Сен Лоран изглед инспириран од филмскиот ноар. Со кожено волуменозно сако, тесно здолниште, долги ракавици и капа, Сајрус донесе моќна и бунтовна енергија на пистата, потсетувајќи на фаталните хероини од 40-тите години.

Меѓу најфотографираните на вечерта беше Кендал Џенер, која со својот сигурен чекор и совршено стилизиран изглед уште еднаш потврди дека е една од најбараните манекенки на својата генерација. Таа носеше кристално оригинално боди што го носеше Никол Кидман во „Мулен руж“ на Баз Лурман, во улогата на Сатин.






