Во Велес отворена изложбата „Континутитети“ од француската колекција на МСУ


Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата „Континуитети“ или со поднаслов „Насекаде дома“ од Интернационалната Француска колекција на Музејот на современа уметност од Скопје на која се претставени 34 дела од 30 автори. Создадени се во периодот од 1933  година ,а првото дело  е од  францускиот уметник Фернан Леже,а последното  од 1995 година од египетскиот уметник Саит Дарвиш кој живеел и творел  во Франција и често доаѓал и во Македонија.Овие дела  ја прикажуваат разновидноста на француската модерна и современа уметничка сцена на 20 век.

Тие се избор од вкупно 300 дела, од повеќе од 150 автори, и претставуваат еден од темелните сегменти на меѓународната збирка на музејот. Потеклото на колекцијата е поврзано со катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, кога по иницијатива на францускиот писател и критичар Жан Касу и преку ангажманот на првиот директор на МСУ, д-р Борис Петковски, бројни француски уметници подариле свои дела на градот како чин на солидарност. Подоцна, со истражувањето и публикацијата на Силвен Лекомбр (2015), оваа збирка  доби нова научна и историска рамка што го потврди интернационалниот и солидарен дух на музејот како уникатна институција во европски контекст, информира  за МИА,  Владимир Јанчевски кустос во Музејот на Современа уметност и куратор на изложбата.

– Француската колекција е една од најбогатите и по  бројката која ја имаме на дела  и по  различните потекла на уметниците. За нас  преку оваа изложба ни беше важно да кажеме дека големите уметнички центри истовремено биле отворени, еманципирани средини во кои доаѓале да творат голем број на уметници од  различни страни на светот.Тоа го покажува и оваа збирка каде има уметници од различни земји: од Унгарија,од Венецуела уметник со либанско-ерменско потекло,од Германија, Шведска, Данска. Тоа го покажува и овој избор на оваа изложба каде има претставено уметници од цел свет ,а меѓу кои има и двајца уметници од поранешна Југославија Зора Стак и Зоран Бушиќ. Сите тие  припаѓаат на француската колекција  затоа што во  времето  кога ги создале овие дела живееле и твореле во Париз во Франција. Но тие сепак си го задржале своето специфично потекло, и преку модерната современата уметноста ги надминуваат тие етнички бариери и други ограничувања, појасни Јанчевски.

Анита Василкова Мидоска кустос советник во Народниот музеј во  Велес за значењето на изложбата потенцира дека  ако треба да се изрази во духот на поетиката таа преставува колекција – феникс која изникнува од урнатините на разрушеното Скопје и која во својот калеидоскопски спој ги вклучува историскиот, уметничкиот и социо-антрополошкиот аспект.

-Од историски аспект колекцијата е настаната како чин на солидарност кога по скопскиот земјотрес уметниците од целиот свет донираат дела на разрушениот град односно таа е органски поврзана со скопскиот земјотрес и историјата на МСУ или ако треба да бидеме попрецизни таа е основната клетка од која подоцна израснува или се формира Музејот на современата уметност создавајќи синергија на заеднички развој, растеж и еволуција. Од уметнички аспект таа е рефлексија на уметничките текови кога се настанати делата со тоа што низ целата колекција се преплетуваат дела на тогаш етаблираните уметници кои уште тогаш биле дел од историјата, но и уметници кои допрва се афирмирале, рече Василкова Мидоска.

По Велес, изложбата ќе биде отворена и во Битола