Надежта на вработените во „Лукоил“ сега е во американскиот гигант „Шеврон“
Новиот рок за продажба, 13 декември, важи и за „Лукоил Македонија“, велат од компанијата за „Независен“. Но неизвесно е што ќе се случува по тој датум и дали американскиот нафтен гигант ќе влезе во купувањето
Новите рокови за продажба на средствата на „Лукоил“ во странство се однесуваат и на подружницата на оваа компанија во Македонија. Ова, накусо е одоговорот од „Лукоил Македонија“ на прашањата кои ги упати „Независен“, а се однесуваат на постапката на продажба на 40 бензински пумпи и склад, за што е тесно врзана и судбината на околу 500 вработени, колку што ги има подружницата на „Лукоил“ во нашата земја.
Тоа значи дека наместо 21 ноември, односно овој петок, една од најголемите енергетски компании во светот и еден најголемите светски производители на сурова нафта, ќе треба да најде решение за рафинериите, бензинските станици и складовите во странство до 13 декември. Во меѓувреме, во трката за имотот на „Лукоил“ се вклучи и „Шеврон“.
„Ве информираме дека ‘Лукоил Македонија’ е во 100% сопственост на ЛИГ и лиценците донесени од ОФАЦ, вклучително и оние за продолжување на рокот се однесуваат и на нашето друштво. Во однос на другите прашања, во прилог го доставуваме соопштението за медиумите на ПАО ‘Лукоил’ од 14.11.2025 година“, се вели во одговорот на „Лукоил Македонија“ до „Независен“.
Во посоченото соопштение до медиумите од 14 овој месец, „Лукоил“ информира за тековните преговори за продажба на неговите меѓународни средства со неколку потенцијални купувачи.
„Конкретниот договор ќе биде објавен откако ќе се постигнат конечните договори и ќе се добијат потребните регулаторни одобренија“, се вели во соопштението.
Притоа се посочува дека „компанијата има за цел да обезбеди непречено работење на средствата за време на нивната продажба и пренос на нови сопственици. Ова ќе овозможи да се избегнат ризиците од прекини во работата и снабдувањето со енергетски ресурси на земјите на присуство, како и да се заштедат работни места“.
„За да се решат сите настанати проблеми навремено, специјалистите на ‘Лукоил’ постојано комуницираат со властите во областите на нивното работење“, се вели во соопштението на компанијата, која на меѓународно ниво е еден од најголемите светски производители на сурова нафта.
„Независен“ вчера пишуваше за загриженоста кај вработените во „Лукоил Македонија“ за нивната судбина и резигнираноста поради тоа што никој од компанијата или од надлежните институции им се нема обратено, што по денот Д, односно дали „Лукоил Македонија“ во чиј делокруг се 40 бензински пумпи и нафтен склад, ќе продолжи да работи, дали можеби ќе имаат нов сопственик, или пак, и за оваа подружница ќе важи продолжувањето на рокот до кога ќе треба да се продадат средствата на заинтересиран инвеститор (кој ќе треба претходно да добие одобрение и од американските власти).
„Никој ни се нема обратено, ниту од компанијата, ниту од македонските институции“, вели еден од вработените. „Тука има луѓе кои што работат и по 18 години, кои што издржуваат семејства, кои што зеле кредити и треба да ги отплатуваат… Не знаме дали овој петок ќе ни биде последниот ден на работа“, вели тој.
Од вчера во трката за средствата на „Лукоил“ во странство се приклучи уште еден голем енергетски играч – американскиот нафтен гигант „Шеврон“.
Компанијата ја проучува можноста за купување на глобалните средства на санкционираната руска нафтена компанија „Лукоил“, изјавија за Ројтерс во понеделникот пет извори запознаени со процесот.
Министерството за финансии на САД минатата недела им даде одобрение на потенцијалните купувачи да разговараат со „Лукоил“ за странските средства. „Шеврон“ ќе им се придружи на „Карлајл“ и други компании во трката за портфолиото на „Лукоил“ вредно најмалку 20 милијарди долари, пренесе „СЕЕбиз“.
Како што е познато Соединетите Американски Држави минатиот месец воведоа санкции врз двете најголеми руски нафтени компании, „Лукоил“ и „Роснефт“, како дел од напорите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ја принуди Москва на мировни преговори со Украина.
„Шеврон“ истражува опции за купување на средствата на „Лукоил“ каде што компаниите се преклопуваат, наместо на целото портфолио, изјавија пет извори. Тие побараа да не бидат именувани бидејќи не им е дозволено да зборуваат со медиумите. Интересот на „Шеврон“ претходно не беше откриен.
„Шеврон“ соопшти дека се придржува до законите и прописите што се однесуваат на неговото работење и не коментира за комерцијални прашања.
Американскиот гигант за приватен капитал „Карлајл“ е меѓу оние што ја истражуваат можноста за купување на средствата на „Лукоил“ во странство, изјавија извори за Ројтерс минатата недела.
„Лукоил“ произведува околу 2% од глобалното производство на нафта дома и во странство и изјави дека бара купувачи за своите меѓународни средства, кои произведуваат 0,5% од глобалната нафта и се проценети на околу 22 милијарди долари, врз основа на поднесувањата од 2024 година.
„Лукоил“ има три рафинерии во Европа, интереси во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и стотици малопродажни бензински пумпи низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД.
Лукоил има 13,5% во полето Карачаганак и 5% во полето Тенгиз во Казахстан, а акционери се „Шеврон“, „Ексон Мобил“, „Ени“ и „Шел“.
Полињата се главен извор на сурова нафта за нафтоводот CPC, кој транспортира повеќе од 1,6 милиони барели сурова нафта дневно, или 1,5% од глобалната побарувачка за нафта, до глобалните пазари преку Русија.
„Лукоил“ исто така има удел во нигериската лиценца за нафта и гас OML-140, која ја управува „Шеврон“.
Финскиот синџир бензински пумпи „Тебоил“, кој е во целосна сопственост на „Лукоил“, во понеделник изјави дека очекува да го промени сопствеништвото како дел од напорите на рускиот гигант да продаде меѓународни средства.
„Лукоил“ исто така го управува проектот „Западна Курна 2“ во Ирак, каде што „Ексон“ долго време беше оператор на соседниот проект „Западна Курна 1“ пред да се повлече минатата година.
Ирачката влада размислува да побара од Министерството за финансии на САД шестмесечно ослободување од санкциите за да му се даде на Лукоил повеќе време да го продаде својот удел во Западна Курна 2, изјавија во понеделник тројца ирачки енергетски претставници за Ројтерс. Ирак ја отфрли можноста државата да го купи уделот на „Лукоил“ во проектот.
Завчера, новинските агенции јавија дека Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) на Министерството за финансии на САД издаде лиценца со која се дозволува трансакциите поврзани со продажбата на меѓународните средства на „Лукоил“ да продолжат до 13 декември. На четири компании на „Лукоил“ што работат во Бугарија им се доделени лиценци до 29 април 2026 година.
Во Македонија, компанијата е присутна од 2006 година кога во населбата Камник на влезот на Скопје, почна со работа првата бензинска станица на „Лукоил“. Групацијата во нашата земја е претставена со друштвото-ќерка „Лукоил Македонија“ ДООЕЛ, кое е дел од Балканска меѓурегионална група на компании и врши продажба на големо и мало на нафтени деривати. Во моментов компанијата работи со мрежа од 40 бензински станици и еден нафтениот склад. Најнова е бензинската пумпа во Гостивар беше пуштена во февруари годинава. (М.Ј.)