Во тек е дискусијата за статусот на Охридскиот регион на сесијата во Баку
На 43. сесија на УНЕСКО која се одржува во Баку, денеска, на дневен ред е дискусијата за Охридскиот регион и предлогот тој да се најде на листата на загрозени светски културни наследства.
Советодавните тела на УНЕСКО (ИКОМОС, ИУЦН и ИКРОМ) преку своите претставници ги образложија забелешките и причините зошто сметаат дека Охридскиот регион треба да се најде на листата на загрозени.
Ги повторија нотираните препораки со цел да се сочува ова светско културно и природно наследство и потенцираа дека Охридскиот регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.
Претставниците на Австралија, Куба, Кувајт, Кина, Шпанија, Бразил, Тунис, Унгарија, Босна и Херцеговина побараа да се даде дополнителен период на Македонија за да ги имплементира препораките од УНЕСКО.
Дел од нив рекоа дека ја забележуваат искрената заложба на владата, но пожелно е да се забрзаат процедурите со исполнувањето на препораките.
Претставникот на Албанија истакна дека е од огромно значење за двете соседски земји да се работи во насока на зачувување на светското и природното културно наследство на Охрид, особено што Македонија и Албанија го делат Охридското езеро кое е уникатно.
На сесијата се обрати и министерот без ресор Едмон Адеми како предводник на македонската владина делегација во која се и заменик-министерот за надворешна политика Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.
Адеми ги посочи сите преземени чекори што владата ги направила во насока на зачувување на Охридскиот регион. Тој истакна дека оваа влада се формираше два месеци по мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година и дека веднаш е започнато да се работи на нивните препораки.
По завршувањето на дискусијата за Охридскиот регион, се отворија останатите точки од дневниот ред. Беше предложено повторно навраќање на прашањето за Охрид во текот на денешниот или утрешниот ден. И.Н.