Во строј, во строј!

Силната манифестација на непартиско гласање кај нас на првиот круг на локалните избори е показател дека во земјата е во тек процес на партиско престројување


На некој-ден пред вториот круг на локалните избори работите стануваат појасни. Најважното сознание и искуство од првиот круг не е ниту тоа дека владејачкиот СДСМ загубил или дека ВМРО-ДПМНЕ победило. Пропорционалната изборна формула во значителна мера ги релативизира изборните резултати. Најдобар доказ за тоа е упорното повторување на фразата „коалициски капацитет“ од страна на сите релевантни политички партии.

Поважно од тоа, ми се чини е сознанието за вистинската политичка тежина на партиски непостроените граѓани. Очите и на партиите од власта и на партиите од опозицијата се свртени токму кон оваа категорија граѓани. Повиците тие да се постројат зад една од двете партии стануваат дури драматични. Така претседателот на владејачката партија ги повика овие граѓани да го потхранат неговиот партиски строј, оти во спротивно ќе се биел пак бој! Ако не ја поддржат неговата партиска опција или ќе се врател „режимот“ или, уште полошо ќе се повторела 2001 година! Злото, чекало на прагот. А тој самиот владее токму благодарение на коалицијата со партијата која е симболот на 2001! Овој повик толку многу заличува на очајничкото обраќање на Груевски кон партиски непостроените граѓани да не си седат дома на папучи оти државата се распаѓала. И едниот и другиот, државата ја редуцираат на нивната власт. Не сум ли јас и мојата дружина на власт, нема држава, државата се распаѓа.

Претседателот на главната опозициска партија, пак, исто така, повикува на што поголема излезност на граѓаните во вториот изборен круг. Тој сега го воспева она што го нарекува „тивкото мнозинство“, затоа што сфатил дека на овие избори токму тоа го испуштило „најголемиот глас“. При тоа, секако, тој се надева дека самото излегување на гласање на „тивкото нозинство“ ќе донесе повеќе гласови на неговото конто. Но, огромниот број неважечки гласачки ливчиња (шеесеттина илјади) како и поддршката која ја добија независните листи (уште шеесеттина илјади) и протестните гласови (други шеесетина илјади), главно кон за Левица, покажуваат дека партиски непостроените гласачи веќе не се задоволуваат со избор меѓу змијата и магарето. Оваа категорија на граѓани веќе не се определува за помалото од двете зла!

Немам конкретни емпириски истражувања за политичките ориентации на оваа категорија граѓани кај нас. Во Македонија државата одамна не одвојува финансии за истражувања на оппштествените појави, а политичките прашања одамна се монополизирани од партиите. Но, како еден од партиски непостроените граѓани со солидно познавање на оваа категорија граѓани во другите земји, ќе си дозволам слобода да се потрпам на методот на интроспекција. Партиски непостроените граѓани се бројна и многу хетерогена категорија.

Во однос на нејзината бројост, истражувањата во САД, на пример, покажуваат дека во 2018 година 38% од јавноста се опишува себеси како независни. Другите 62% се речиси рамномерно распределени меѓу оние кои се идентификуваат како демократи или републиканци. Тенденцијата е оваа категорија да расте. Порастот на оваа категорија на граѓани во САД се толкува како показател дека земјата завлегува во процес на политичко престројување. Главната карактеристика на тој процес е репозиционирање и/или застарување на традиционалните политички партии (демократската и репубиканската) и опаѓање на гласањето за нив. Силната манифестација на непартиско гласање кај нас на првиот круг на локалните избори е показател дека во земјата е во тек процес на партиско престројување. Неприфаќањето на неопределените гласачи да изберат една од двете традиционални партии и да бараат алтернатива покажува дека е во тек процес на репозиционирање на постојните политички партии и/или за појава на нови. Но, овој тренд не е еднолиниски и со јасен правец. Причината за тоа е хетерогениот состав на категоријата партиски непостроени гласачи.

Хетерогеноста на оваа категорија е повеќеслојна: демографска (повеќе мажи се партиски непостроени отколку жени, повеќе помлади отколку постари), образовно (непартијците се во просек пообразовани од партијците), политички (тие поретко гласаат од партиски построените граѓани, а тогаш кога гласаат повеќе се водат од проблемски а помалку од партиски критериуми).

Од оваа перспектива, се чини логично да заклучиме дека понапред ниту назначените надежи на партиските лидери дека ќе ги придобијат овие граѓани се соништа на гладни кокошки. Може да се очекува дека пропорцијата на неважечки ливчиња во следниот круг ќе биде поголема од првиот круг – доколку, се разбира не се точни укажувањата на некои учесници во изборите за манипулација на неважечките ливчиња.

Но подеднакво малку веројатни се очекувањата дека оваа категорија гласачи може да бида матрица од која ќе се изнедри нова, „трета“ опција. Оваа категорија гласачи е агрегат со спротивставени политички ориентации. Според истражувањата на центарот „Пју“ од САД, огромното мнозинство независни граѓани (81%), иако не се партиски построени имаат склоност кон една од постојните партии. Според тоа, од нив може да се изведат евентуално намјалку две, а не една опција. Но тоа не би била некаква алтернатива на постоечките партии. Теориски максимумот што би можел да се очекува е да се изнедрат и две партии кои во споредба со постојните (демократската или републиканската) би биле поумерени.

Кај нас тоа би значело да добиеме два поумерени клонови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Но, што би била политичката полза од тоа? Ништо, само би се изгубила таквата илузорна надеж која независните им ја даваат на разочараните граѓани.  Според тоа, може да се заклучи дека независните и неопределени гласачи ќе ја исполнат својата политичка мисија ако ги отфрлат повиците  партиски да се постројат било зад редовите на едната или другата партија или пак да формираат нивни клонови. Не во строј, по цена и да биде нов жесток бој!

(Ило Трајковски е универзитетски професор)