Во среда пред Собранието интерпелацијата за министерот Тошковски, седницата за владината реконструкција ќе се закаже штом пристигне предлогот
Интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски е на дневен ред на 106. пленарана седница закажана за в среда 24 јуни, додека во четврток на 25 јуни ќе се одржат редовните пратенички прашања до премиерот и министрите. На денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието до крајот на јуни најави одржување и на уште една седница за закони поврзани со реформската агенда и продолженија на други седници.
Во однос на реконструкцијата на Владата, рече дека седницата ќе биде закажана кога ќе биде доставен предлогот до нив. – Без да имаме предлог за промена во владиниот Кабинет ние не можеме ништо да прејудицираме. Зависи од тоа дали ќе има нов предлог и кога ќе биде доставен – рече претседателот на Собранието.
Гаши исто така најави дека во текот на утрешниот ден се очекува до Собранието да пристигне и ребалансот на Буџетот за 2026 година, а собраниските рокови ќе почнат да течат. Пратениците според планот треба да одмараат од 1 до 31 август.
Освен законите кои денеска се на Комисијата за политички систем за Предлог на закон за судска служба и Предлог на закон за јавнообвинителска служба, двата во второ читање и за кои се поднесени многу амандмани, дел од реформскиот пакет закони се и законот за користење на енергија од обновливи извори, Предлог закон за високи раководители, како и закони предложени од пратеници – за електронски комуникации, дополнување на законот за угостителска дејност и измени на законот за договорен залог.
– Ако Владата достави нови закони поврзани со реформската агенда веднаш ќе свикаме седница, комисиска расправа и се што е потребно да се стигне до 30 јуни – рече Гаши.
Претседателот на Собранието рече дека во принцип е секогаш за редовни избори, дури и кога бил во опозиција. – Мислам дека ни треба политичка стабилност, но и за тоа одлучува мнозинството. Ако има поинакво мислење, 61 пратеник ако изгласаат распуштање на Собранието јас нема да бидам против, истакна претедателот на Собранието Гаши.
– Принципиелно мислам дека треба редовни избори да бидат, но тоа е тоа – рече Гаши.
Во овој собраниски состав повторно има пратеници кои воопшто не доаѓаат на седници и на комисии, како Мендух Тачи и Али Ахмети, а Гаши вели дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде пратеник. – Ние имаме механизми, Деловник за работа, но не можете со сила некого да натерате да дојде во Собрание. Ако граѓаните се одлучат да гласаат ние мора да го почитуваме тоа – рече Гаши.
Тој исто така информираше дека Европскиот парламент доставил барање до шесте земји од Западен Балкан за формирање на граѓански форум.