Во Србија хаос поради кандидатката за Мис Универзум, ja претставува Монголка
„Нашата официјална Мис Србија се натпреварува исклучиво на изборот за Мис на светот“, соопшти националната организација Мис Србија
Бангкок- Претстојниот избор за Мис Универзум 2025, кој ќе се одржи на 21 ноември во Тајланд, веќе предизвикува голем интерес и бројни дискусии во регионот. Хрватска ќе ја претставува Лаура Гњатовиќ, која според меѓународните портали се смета за една од фаворитите на натпреварот, a Mакедонија – Иман Тотич.

Сепак, посебно изненадување доаѓа од Србија – нивната земја ќе ја претставува Јелена Егорова, модел со монголско потекло.

Србите се разочарани
Објава на официјалниот профил на Мис Универзум на Инстаграм, каде што Егорова е претставена како Мис Универзум Србија 2025, предизвика низа реакции. Многу корисници на социјалните мрежи го изразија своето воодушевување од нејзиниот изглед, додека други го доведоа во прашање значењето на националното претставување во контекст на глобален натпревар за убавина.
„На почетокот мислев дека е некоја вештачка интелигенција, но не беше и беше потврдено на официјалниот профил на Мис Универзум. Ова е глупаво натпреварување, но прекрасно покажува како, малку по малку, се откажуваме од нашиот идентитет“, напиша еден корисник на Reddit.
Други, исто така, коментираа: „Заедно со толку многу наши убави жени, тие пронајдоа Монголка. Хаос“, додека еден корисник од Хрватска додаде: „Како Хрватка, збунета сум, со сите овие лудо згодни Србинки… која е поентата да се претставуваат земјите на изборот за Мис?“
Која е Јелена Егорова?
Егорова е родена во Јакутија, Русија, од монголски родители – нејзиниот татко е од Татарско потекло, а нејзината мајка е од Јакутско потекло.
Дипломирала криптоекономија на Московскиот државен универзитет и е активна во светот на модата и дигиталните технологии десет години. Пред да стане Мис Универзум Србија, Егорова ја претставуваше Монголија на изборот за Мис Гранд Интернешнл.
Соопштение од организацијата Мис Србија
По објавата дека Егорова ќе ја носи српската лента, реагираше националната организација Мис Србија, која со децении го организира официјалниот избор за убавина во земјата. Во соопштението, тие изразија незадоволство од моменталната структура и стандардите на изборот за Мис Универзум.
„Натпреварот за Мис Универзум повеќе не е она што беше порано. Откако Доналд Трамп ги продаде правата за сопственост, ова некогаш престижно натпреварување премина во рацете на сомнителни организатори кои целосно го уништија неговиот кредибилитет и традиција што траеше повеќе од седум децении“, се вели во соопштението, според српските медиуми.
Организацијата, исто така, објави дека Србија официјално се откажала од изборот оваа година и дека Егорова не е легитимен претставник на Србија.
„Манекенка од Монголија настапува под нашето знаме, што е невиден апсурд. Србија нема своја претставничка на Мис Универзум оваа година. Нашата официјална Мис Србија се натпреварува исклучиво на изборот за Мис на светот“, се вели во соопштението.