Во собраниска процедура измените за Законот за безбедност во сообраќајот: Тротинети ќе возат само возрасни
Во собраниска процедура влегоа измените и дополнувањата на Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој се предвидува минимална возраст од 18 години за управување со „лесно електрично возило“ – мопеди, електрични тротинети и мотоцикл.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски нагласи дека во последните години, иако појавата на електричните возила донесе поголема мобилност, истовремено создаде и нови предизвици за безбедноста во сообраќајот. Затоа, како што рече тој, мерките од Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој ќе се носи по скратена постапка, се воведуваат за подобра заштита на младите.
„Со цел да се спречат идни повреди и штети, се предвидува заострување на условите под кои може да се управува ваков вид на возило, со зголемување на старосната граница, а минималната возраст да биде од 18 години за управување на овие возила. Ние сме свесни дека оваа мерка е строга и дека е висока. Но истата ја предлагаме со една и единствена цена, да ги заштитиме младите учесници во сообраќајот. Анализите на МВР покажуваат дека во повеќе од половината во несреќите со електричните тротинети, истите биле управувани од лица од 16 и 17 годишна возраст. Токму затоа, ние го предлагаме ова решение, но оставаме простор за идни измени во согласност со анализите кои што ќе произлезат од ефектите од овој закон“, рече тој.
Потенцира дека со законските измени се врши суштинска интервенција во однос на дозволената брзина со која се движат лесните електрични возила, односно се предвидува максимална брзина од 20км/ч, согласно препораките на Европската унија во делот на регулирање на сообраќајот на овој тип на возила. Соопшти дека се заострува казнената политика за сторителите на прекршоците предвидени во законот, а во конкретни случаи покрај изречената глоба се предвидува и одземање на возилото – возење од малолетен возач, пречекорување на дозволена брзина, превезување на друго лице, возење под дејство на алкохол, во времетраење од 30 дена.
Мицевски истакна дека анализите покажуваат од 2024 година до мај 2026 година, односно за 2.5 години на патиштата низ државата во пријавени сообраќајни незгоди учествувале 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикл. Потенцира дека од вкупниот број на настрадани возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли, 46 загинале, 585 се здобиле со тешки телесни повреди, а 1.347 со полесни телесни повреди.
„Овие бројки загрижуваат и укажуваат на потребата од системска регулација на овие возила. Затоа со Предлог законот за изменување и дополнување на законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, се врши дефинирање на лесно електрично возило. Оваа дефиниција зазема предвид за компаративните искуства на повеќе земји во регионот. Воедно, се врши суштинска интервенција во однос на дозволената брзина на движење на лесните возила, електрични возила, односно се предвидува максимална брзина до 20 километри на час согласно препораките на ЕУ, во делот на регулирање на сообраќајот на овој тип на возила“; нагласи Мицевски.
Во новиот предлог-закон што денеска е на собраниска седница во Член 103-а стои:
(1) Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска
патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека,
односно друга површина наменета за движење на пешаци.
(2) Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, истите се
должни да се движат еден позади друг.
(3) Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, велосипедска лента,
тротоар или пешачка патека, возачот на електричен тротинет е должен да го управува
возилото по десната велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка
патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот.
(4) На велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, уредени и
обележани за сообраќај на електрични тротинети во двете насоки, истите се движат по
десната страна во правецот на движењето на возилата.
(5) Возачот на електричен тротинет, може да се движи само по оние сообраќајни површини
каде што е дозволено движење со такви возила.
(6) Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно
лента со брзина поголема од 25 km/h.
(7) Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по тротоар, пешачка патека
односно друга површина наменета за движење на пешаци, со брзина поголема од 6 km/h.
(8) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 80 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, согласно со одредбите од овој
закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (1), (2), (3), (4) и (5)
на овој член.
(9) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 120 евра во денарска противвредност ќе му се издаде, согласно со одредбите од овој
закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (6) и (7) на овој член.
(10) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во
износ од 80 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно
старателот на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставот (8) на овој член. (11)
Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 120 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот
на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставот (9) на овој член.
Член 103-б
(1) Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не
се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот,
а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило,
да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со
возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот. Возачот на електричен
тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди,
како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг
вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и
сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се
вградени во заштитните шлемови.
(2) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска противвредност, ќе му се издаде на возачот кој постапува
спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.
(3) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот
на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставот (2) на овој член.
Член 103-в
(1) Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.
(2) Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на
управување со возилото.
(3) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно
на одредбите од ставот (2) на овој член.
(4) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот
на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставовите (1) и (2) на овој член.
Член 103-г
(1) Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на
управувањето на возилото.
(2) Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во
услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на
управувањето на возилото.
(3) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска согласно со ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на
одредбата од ставот (2) на овој член.
(4) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот
на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставот (2) на овој член.
Член 103-д
(1) Возач на електричен тротинет, за времето додека управува со возилото не смее да води
животни.
(2) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска противвредност согласно со одредбите на овој закон, ќе му се
издаде на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.
(3) Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог со глоба во износ
од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот
на дете кое постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.
Клучни нови правила за тротинети
Минимална возраст: Само лица над 18 години ќе смеат да управуваат со електричен тротинет.
Ограничување на брзина: Максимум 20 км/ч, во согласност со европските стандарди.
Заштитна опрема: Задолжителна кацига и препорачана дополнителна опрема (рефлектирачки елеци, светла).
Казнена политика: Освен парични казни, ќе има и привремено одземање на тротинетот до 30 дена.
Дефиниција на лесни електрични возила: Законот ќе ги класифицира тротинетите како посебна категорија.
Причини за измените
Во последните две и пол години се регистрирани над 2.300 сообраќајни незгоди со учество на тротинети, мопеди и моторцикли.
Загинале 46 лица, а над 550 лица се здобиле со тешки повреди.
Половина од несреќите со тротинети биле предизвикани од малолетници (16–17 години).
Што значи ова за граѓаните
Малолетниците повеќе нема да можат да возат тротинети на јавни патишта.
Контрола од полицијата ќе биде построга, особено за брзина и употреба на кацига.
Санкциите ќе бидат ригорозни, што значи дека непочитувањето на правилата може да доведе до губење на тротинетот за одреден период.