Во скопските ковид центри за 24 часа хоспитализирани 36 пациенти, се лекуваат 467 сомнителни и потврдени за Ковид
Во ковид центрите во Скопје изминативе 24 часа хоспитализирани се 36 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 467 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Како што соопшти Министерството за здравство, во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 19 приеми и тоа двајца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид центарот на Клиниката за неврологија, четворица болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, а десет во новоотворениот центар на Клиниката за очни болести.
Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени шест лица. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 31 оздравен пациент.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 19 пациенти, на Клиниката за неврологија 36 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 11 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 106 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 155 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 36 пациенти, од кои 6 деца и 30 возрасни.
Вкупно 467 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
-И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 25 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“, соопштија од Министерството.
Од вчера наутро ковид одделенијата во Скопје се проширени за дополнителни 43 кревети и се ставени во функција на пациентите суспектни и потврдени за Ковид-19.
Почна да работи ковид одделелението на Кликината за очни болести со капацитет од 23 кревети, ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ е проширен за 26 нови места и капацитетот од досегашните 80 се зголемува на 106 болнички кревети.
Во наредните денови се очекува да почне со работа и ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.