Во Скопје сум како дома, вели синот на легендарниот Аки Рахимовски

Нема сомнеж дека новата балада „Киша је падала“ ќе ги освои и срцата на неговите обожаватели и следбеници во целиот регион


Фото: Б. Грданоски

Не паѓаше дожд, како во неговата нова песна, туку огреа сонце во центарот на Скопје, во градската кафеана Пелистер, омилената на татко му, на неформално предновогодишно дружење на Кики Рахимовски со македонските новинари, а домаќин ни беше Иван Бечковиќ,  експерт и супервизор на „Кроација рекордс“ за Македонија.

Фото: Б. Грданоски

По успешната љубовна балада „Сузе небеске“, нема сомнеж дека новата балада Киша је падала“ ќе ги освои и срцата на неговите обожаватели и следбеници во целиот регион.

Музиката и текстот ги напиша самиот Кики, а за аранжманот се погрижија Саша Миочиќ и Елвис Сршен. Спотот се снимаше во Студио Хангар во Загреб, а на Кики и на неговиот бенд им се придружи и убавата Амела Броз.

Киша је падала“ е напишана пред четири или пет години, и гледајќи низ некои текстови од порано, наидов и набрзина добив идеја за музика која совршено одговара на овие текстови, па песната е создадена многу едноставно и без многу филозофирање. Додека работевме на албумот, оваа песна не ми одговараше и едноставно не беше време да ја издадам тогаш. Се надевам дека публиката ќе ја препознае песната како своја и ќе ја прифати дури и подобро од „Сузе небеске“, вели Кики.

Синот на легендарниот пејач на „Парни ваљак“, веќе два дена е во родниот град на татко му, по повод  наградата која Македонскиот олимписки комитет, синоќа, на гала церемонија,  постхумно му ја додели на Аки Рахимовски кој почина лани, во Ново место, во Словенија, на 67 години.

Фото: Б. Грданоски

Кристијан – Кики кој лани, за прв пат, по 35 години дојде во Скопје, да го види родниот град на татко му и да се сретне со членовите на неговото пошироко семејство и пријателите, вели, е воодушевен од гостопримливоста на домаќините и заинтересираноста на медиумите – радиостаници, телевизии, весници и портали за неговата кариера која трае веќе 20 години, а е релативно непозната кај нас. 

„Овде се чувствувам како дома, во Загреб, и заедно со мојот тазе менаџер со регионална слава Саша Драгиќ ќе се фокусираме на промоции на моите нови песни, а за концерт е сѐ уште рано, рече денес Кики Рахимовски.

Фото: Б. Грданоски

„Аки беше ненадминат пејач на супербенд како што е „Парни ваљак“, а Кики е и композитор кој сам ги пишува своите песни, со сјајна екипа околу него, потенцираше денес на дружбата со новинарите, Бечковиќ, на кој присуствуваше и Драгиќ и нашиот легендарен водител Реџо Балиќ кој беше пријател со Аки, а сега и со Саша. 

На прашањето што мисли за новиот пејач на „Парни ваљак“, Игор Дрвенкар, Кики беше без коментар, само истакна дека во ниеден момент не се разговарало тој да го наследи татко си во групата, дека секој си има свој пат, и сѐ што се случува, така требало да биде. 

„На секој мој концерт има дел кој го посветувам на татко ми, кој силно ми недостасува, иако нашите релации беа комплицирани.  Дури во 2016 година, кога добив награда, ми честиташе како на пејач, сподели Кики, чиј глас потсеќа на Аки. За омилена песна на татко му ја смета „Немирно море“. (Л.С.)