Во Скопје доаѓа римејкот на култниот филм „Емануела“ со ѕвездена актерска екипа
Точно половина век по неочекуваниот и неверојатен успех на „Емануела“, во кината ширум светот и во Скопје, пристигнува римејк на култната еротска драма, во која се истражуваат непознатите граници на женската страст, задоволството и љубовната интрига. Ѕвездената актерска екипа ја сочинуваат француската актерка Ноеми Мерлант во главната улога, на која и се придружуваат Наоми Вотс, Вил Шарп, Џејми Кембел Бауер, ЧаЧу Хуанг и Ентони Вонг.
„Емануела“ пристигнува во Синеплекс на 12 декември, а во новата верзија на еротската класика приказната повторно ги води гледачите на сензуално патување во потрага по изгубеното задоволство.
Оригиналниот „Емануела“ со холандската актерка Силвија Кристел во главната улога, е снимен според романот на Емануел Арсан на локации во Тајланд и Франција. Директна причина за неговото снимање беше успехот на култниот самоуништувачки еротски трилер „Последното танго во Париз“ со Марлон Брандо и Марија Шнајдер во главните улоги во 1972 година.
Иако според оценките на критичарите, двата филма се неспоредливи, „Емануела“ го надмина комерцијалниот успех на „Последното танго во Париз“, па тринаесет години непрекинато играше во некои кина во Франција. И во 1974 година, тој беше еден од француските филмови со најголема заработка на кино благајните во Европа, САД и Азија.
Успехот на „Емануела“ резултираше со серија со дури единаесет филмски продолженија со Силвија Кристел во насловната улога, а продуцентите во Италија („Црна Емануела“) и американските продуценти кои ја однесоа Емануела во – вселената се обидоа да ја копираат.
Актерката Силвија Кристел во многу интервјуа раскажа како случајно завршила на аудиција за „Емануела“, планирајќи аудиција за реклама и влегла на погрешна врата. Според легендата, за време на разговорот, на убедување на режисерот, таа се соблекла гола, соблекувајќи го грациозно фустанот и го продолжила разговорот како ништо да не се случило, што го воодушевило режисерот.
Француските феминистки ја прогласија „Емануела“ за предмет на машки фантазии, но во Азија многу жени препознаа во нејзиниот лик еманципаторски потенцијал кој ја слави женската доминација, моќ и сила. И затоа проекциите на „Емануела“ во Јапонија често завршуваа со аплаузи и овации.