Во сите општини услугите ќе може да се плаќаат со картички – треба да набават ПОС терминали


Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за поттикнување на безготовинските плаќања кај единиците на локалната самоуправа, и донесе заклучок на сите единици на локалната самоуправа кои досега немаат воведено ПОС терминали за наплата на општинските услуги, да ја воведат оваа опција за плаќање на нивните услуги најдоцна во рок од една година од денот на усвојување на оваа информација.

Со заклучоците на Владата уште им се препорачува на општините кои користат ПОС терминали за наплата на нивните услуги, да го прошират видот на услугите кои може да се платат безготовински.

– Овие предлог мерки на Министерството за финансии, во соработка со Народната банка за стимулирање на безготовинските и дигиталните плаќања имаат за цел да го трасираат патот кон безготовинско и современо општество, со што се придонесува кон одржување на стабилна економија, финансиска стабилност и здрав, продуктивен, банкарски систем, велат од Владата.

Оттаму истакнуваат дека намалувањето на употребата на готовина се очекува да влијае и кон намалување на неформалната економија и со тоа поврзаната даночна евазија, бидејќи високата распространетост на готови пари во оптек, многу често е индикатор за присуство на нерегистрирани економски трансакции и може да делува поттикнувачки за неформалната или сива економија, што претставува загуба за економијата во целост.